Кампањата за референдумот е само димна завеса за милионскиот криминал што го прави Зоран Заев и картелот кој што тој го води. По веќе разработена шема тазе формирани фирми без никакво искуство во областа добиваат милионски бизниси и декласираат децениски стари компании. Со потпис на Оливер Спасовски, милионски бизнис за теоретско и практично тестирање за полагање на возачки испити на територија на Струмица и струмичкиот регион е доделен на фирма без никакво искуство во областа, формирана на 17.04.2018 година, неполни два месеци пред да биде распишан огласот на 25.06.2018 година, од страна на Стојан Иванов, другар на Зоран Заев уште од средно училиште, изјави на прес-конференција Орце Ѓорѓиевски член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и додаде:

„Дали на овој начин Зоран Заев преку државните институции им се оддолжува на личните и партиски пријатели? Заев преку Спасовски на својот другар му доделил ексклузивно право да спроведува теоретско и практично тестирање за возачки испити на цела територија на СВР Струмица, односно на регион од над 150 илјади жители. Фирмата формирана со основен влог од само 5.000 евра и без никакво искуство декласираше фирми со долгогодишно искуство во областа и во наредните 5 години ќе го има ексклузивното право да спроведува возачки испити.“

-Кои квалификации ги имала оваа фирма за да го добие овој бизнис? Како е вршено бодувањето и кој го вршел изборот на истата? Иванов, кој е угостител, исто како и неговата фирма нема искуство во областа од полагањето за возачки дозволи ќе има ексклузивитет за извршување тестирања од кои што ќе зависи дали некој ќе добие или не возачка дозвола или пак нема да добие. Ова е недозволиво и не е европски стандард, како што милуваат да кажат претставниците на власта. Никаде на друго место во ЕУ работа од која зависи доделување на јавните исправи не ја извршува фирма без никакво искуство во оваа област. Одговорност за овој скандал мора да има. Конкурсот мора да биде повторен. Зборуваат за ЕУ и НАТО, а секојдневно делат милионски тендери по криминално разработени шеми, а земјата ја направија мека за криминал, за која пишуваат сите светски медиуми. Оваа власт мора час поскоро да си замине. Нашата државата мора да тргне напред, посочи Ѓорѓиевски.