Гувернерот на руската Белгородска област, Вјачеслав Гладков, денеска изјави дека се уште е во тек „антитерористичка операција“ и дека Министерството за одбрана и безбедносните служби ја „чистат“ територијата на границата со Украина.

-Во врска со ситуацијата во областа Граиворон: се уште трае чистењето на териториите што го спроведува Министерството за одбрана заедно со безбедносните служби, рече гувернерот Гладков на комуникациската платформа Телеграм.

„Апелирам до граѓаните на областа Грајворон, кои привремено ги напуштија своите домови: враќањето сè уште не е можно“, додаде тој.

Гладков кажа и дека една жена била убиена за време на вчерашната евакуација, а две лица наводно биле ранети, но руските безбедносни сили не можеле да дојдат до нив.