Во Бугарија под сериозна закана е владеењето на правото, поделбата на власта и човековите права, нагласи денеска бугарскиот главен обвинител Иван Гешев по присуството на сослушувањето во ЕП за состојбите во Бугарија.

Тој додаде дека државата сака засилен дијалог со европските институции, вклучително и посериозен мониторинг на постоечкиот механизам за владеење на правото, јави БТА.

Гешев додаде дека европратениците биле заинтересирани за неколку конкретни предистражни постапки, како што е „Барселонагејт“.

Според Иван Гешев, кога се работи за реформи во правосудството, фокусот секогаш е на обвинителството.

-Проблемот е во многу органи. Проблемот е во МВР, кое треба да се реформира. Проблемот е во судовите, кои исто така треба да се реформираат. Проблемот е во процедурите. Проблемот е одговорност на судиите, затоа што бугарскиот судија, верувајте, не може да биде казнет речиси за ништо, нагласи Гешев.

Главниот обвинител на Бугарија, исто така, рече дека обвинителството е подготвено да учествува во судските реформи, но истакна дека со текот на годините имало многу обиди тоа да се оствари.

Гешев додаде дека недостига соработка меѓу институциите во Бугарија и се прават обиди да се води војна со  судството. Според него, МВР се обидува да ги зграпчи ингеренциите на судството.