Апелацискиот суд ја потврди пресудата на Кривичниот суд, со која актерката Силвија Стојановска беше ослободена од вина за обвинението во кое се товареше за помагање при транспорт со дрога.
Одлуката е јавно објавена, а актерката за Макфакс изјави дека верувала оти случајот вака ќе заврши уште од првиот момент кога била обвинета.
– Задоволна сум од пресудата. Ја знаев од самиот почеток. Знаев дека немам ништо со организиран криминал и со кокаин затоа што никогаш во животот не сум имала допир со криминал. И ова е, фала богу, правичен заклучок, вели Стојановска.
Ослободителната пресуда актерката Стојановска ја доби на повторено судење. Апелација претходно донесе одлука со која ја укина првостепената пресуда, каде што актерката беше осудена на 3,6 години затвор.
Според обвинението, Стојановска и Будисављевиќ организирале транспорт на 700 килограми кокаин од Колумбија во Шпанија. Актерката, нејзиниот партнер Воислав Будисављевиќ и брат му, кој има исти иницијали В. Б., се дел од организирана криминална мрежа, која договорила набавка на кокаин во Колумбија, го пренеле преку Атлантскиот Океан во Шпанија, го скриле во магацин во Мадрид и договориле негова продажба. При првото притворање на прашање дали тргувала со дрога, актерката рече: „Боже, боже“.
„Во текот на истрагата Обвинителството утврди дека во периодот од јули 2019 година до 18.12.2019 година, обвинетите, заедно со тројцата обвинети во Кралството Шпанија, од кои едниот е македонски државјанин, брат на првообвинетиот, како и повеќе лица, зеле учество во неовластено купување, пренесување и продавање кокаин во вкупна количина од 698.758,1 грама. Обвинетите подготвувале и организирале неовластено купување, превезување и сместување на кокаинот од Колумбија до Мадрид, Кралството Шпанија, и барале купувачи за неа“, информира Обвинителството.
Обвинителката тврдеше дека обвинетите меѓусебно комуницирале со користење „енкрочат“ телефонски мобилни уреди, како и „енкрочат“ мобилни апликации со заштитени канали, а користеле и уред за детектирање евентуална полициска инсталација и дигитални преноси за примена на посебни истражни мерки.
Двајцата беа приведени на крајот на декември 2019 година. Стојановска беше неколку месеци во куќен притвор, а Будисављевиќ во притвор. На акцијата координирано работеле полициски единици од Македонија, Шпанија и од Колумбија во координација со службата за борба против дрога на САД, ДЕА.