„Никогаш не заборавајте дека ние не си припаѓаме себеси. Нашиот живот веќе е пожртвуван пред олтарот на делото. И кој од вас го заборави тоа сознание, тој престанува да биде револуционер. И така, да не се плашиме од смртта. Каде и да не пречека да ја поздравиме со презир“.
Ова се зборовите на еден од апостолите на македонската револуционерна организација, Гоце Делчев кој смртта ја пречека на 4 мај 1903 година во битката во селото Баница.
Секој 4 мај, на денот на убиството на великанот, Македонија му се поклонува и му оддава почит. Човекот кој го разбираше светот како поле за културен натпревар меѓу народите и кој сметаше дека никој не пострадал повеќе од предавствата на своите како Македонците, ќе остане запаметен и како бескомпромисен противник на какво било мешање на надворешен фактор во ослободителното дело на македонскиот народ.
– Да ја чуваме чистотата на ослободителното движење и Организацијата. Тоа е првиот услов за нашиот успех. Ако тоа не го направиме, Македонија ќе падне под некоја од балканските држави, или ќе биде разделена помеѓу нив, им порачал Делчев на своите соборци.
Револуционерна дејност
Македонски револуционер, визионер, организатор и предводник на македонското национално-ослободително движење, е еден од плејадата никогашнезаборавени и вечни патоводители на македонскиот народ. Неговата револуционерна дејност започнува од најрани години.
Тој се родил во патриотско семејство од татко Никола и мајка Султана, на 4 февруари 1872 година во Кукуш. Никола и Султана имале девет деца: Руша, Тина, Велика, Елена, Цоца, Димитар, Христо, Милан и славниот Гоце.
Револуционерната дејност на Гоце Делчев започнува уште во текот на школувањето од 1893 година и трае се’ до неговата легендарна и херојска смрт, на 4 мај 1903 година. Во овој период тој се изградува во школуван воен стратег, познавач на воената вештина и тактика, но и организатор и неуморен проширувач на новооформената македонска револуционерна организација (МРО).
Неговите способности за организирање на вооружената борба во Македонија дошле до потполн израз по првите контакти со иницијаторот и еден од втемелувачите на Тајната македонско одринска револуционерна организација (ТМОРО) Даме Груев. Во наредниот период активноста на Гоце се исполнува со бројни контакти со останатите македонски револуционери активисти на теренот ширум цела Македонија.
– Во напорите за изгрдба и развој на револуционерната организација на теренот, нејзиното ширење и зајакнување, Гоце не жалеше ни труд ни време. Тој ја добива улогата на неуморен деец, кој постојано е на теренот, час во улога на задграничен претставник на ТМОРО, час како ревизор на револуционерните реони низ цела Македонија, или пак како осведочен борец за прибирање и поправки на потребното оружје и изработка на експлозивни направи, бомби и муниција за претстојното општенародно македонско востание. Испреплетените настани од активноста на ТМОРО, речиси секогаш ја потенцираат улогата на Гоце Делчев во сите значајни моменти од предилинденскиот период. Гоце Делчев ја создавал тогашната севкупна атмосфера на подготовки на македонскиот народ за востание и за конечно национално ослободување од турската власт. Тој е учесник и во креирањето на основните документи на револуционерната организација и сите поважни настани од нејзиното делување, е забележано во книгата „Пренесување на моштите на Гоце Делчев во Скопје“.
Гоце Делчев заедно со Ѓорче Петров го изработил Нацрт уставот и Нацрт Правилникот на ТМОРО.
Тој се јавува и во улогата на лидер кој постојано е во преписка со бројните активисти на теренот.
На тој начин, крстарејќи ја цела Македонија во речиси еднодеценискиот период до 1903 година, Гоце Делчев ги создава сите потребни услови за кревање на шороко оштонародно македонско востание. Ваквата негова дејност придонесе македонскиот народ, Гоце, да го доживува како несебичен втемелувач, организатор и осмислувач на вековната борба за национална и социјана слобода. Негова заслуга е изградувањето мрежа на револуционерни реони, воените подготовки на населението, изградба на работилници за оружје, а исто така тој е значаен борец против врховизмот и во напорите за зачувување на автохтоноста на ТМОРО од надворешните влијанија. Гоце Делчев бил достоен учител, неуморен војвода, најзаначаен раководител на ТМОРО и главен иснпектор на четите на македонската револуционерна организација.
Тој активно работел на проширување и зацврствување на организацијата на теренот создавајќи цврсти бази, тајни канали и погранични пунктови за пренесување на оружје и муниција.
При честите обиколки на теренот, тој основал месни комитети и го зачленувал населнието во редовите на МРО. Учествувал на Солунскиот конгрес на МРО 1896 година и станал член на ЦК на ТМОРО. До 1901 година Гоце има улога на здграничен претставник, а му била доверена и организацијата на четите на теренот. Гоце Делчев бил неуморен во обиколките на теренот и раководењето на околиските и селските комитети во повеќе региони и места на Македонија.
„Во овие напори тој согоре во огнот за издигање на улогата и функцијата на Организацијата, како раководно, воено и политичко тело во чија надлежност беше собрана севкупната одговорност за успешното завршување на вооружената борба на македонскиот народ, пишува во книгата „Пренесување на моштите на Гоце Делчев во Скопје“.
Загинувањето на револуционерот
Гоце Делчев активно делувал во Серскиот револуционерен округ како ревизор на воените чети. Основна задача на четите како воени организации на револуционерната организација во периодот пред Илинденското востание, била агитациско- пропагандната активност, извршување на диверзантски акции, собирање и складирање на оружје и муниција, мобилизирање на месното население и друго.
Дејствувајќи во услови на разидување со солунското решение за востание во Серскиот револуционерен округ, Гоце, и покрај тоа што го познавал нагласеното барање на Битолскиот револуционерен округ да се побрза со востанието, сепак се надевал дека ова решение ќе биде одложено, а одложувањето ќе биде искористено за подобри подготовки за востанието. Гоце се залагал за извршување на диверзии по железниците и други установи на турската власт, внимавајќи тоа да не биде во поголемите населени места. Погоден за такви активности му се видел Серскиот округ. Воден од помислата за организирање на Серскиот округ во подготовката за идната вооружена борба, во почетокот на мај 1903 година,Гоце се упатува кон селото Баница североисточно од градот Сер.
Гоце Делчев пристигнал во Баница на 3 мај 1903 година, а тука во групи од по двајца- тројца пристигнале и останатите востаници од серската и драмската чета. Така гоцевата дружина вкупно броела 21 востаник, а кон неа се приклучило и селското месно население кое логистички ја помагало. Досега во македонската историографија многу е дискутирано дали убиството на Гоце во Баница е резултат на предавство или не и кој е предавникот? Главно сите информации упатуваат на предавство.
На оваа констатација упатуваат и објавените „Турски документи за убиството на Гоце Делчев“ во издание на Државниот архив на Република Македонија.
Откако Османлиите ги собрале потребните податоци за местоположбата и бројната состојба на востаниците стационирани во селото Баница, со преку 300 војници пешадијци на жандермеријата и коњаници пристигнати од Серез и околните места, преку село Броди , турскиот аскер од сите страни го опколил селото Баница.
Била опколена секоја куќа поединечно во која се наоѓале востаниците, но и околината на селото за да не им остават можност на востаниците за повлекување. Жестоката борба помеѓу востаниците и турскиот аскер започнала во 10 часот претпладне на 3 мај 1903 година и траела точно триесет часови, поточно до 2 часот на 4 мај 1903 година. Во нерамната борба, заедно со Гоце, загинале 11 востаници. Од употребените бомби и динамит еден дел од селските куќи каде се забарикадирале востаниците на чело со гоце Делчев биле разурнати. На 4 мај 1903 година Гоце Делчев паднал мртов заедно со своите соборци. Покрај другите, заедно со Гоце загинал и Димитар Гуштанов, околински војвода.
Пренесување на моштите
По херојската смрт, телото на Гоце Делчев, на иницијатива на началникот на серскиот гарнизон Тефиков, кој што бил и соученик на Делчев од Военото училиште во Софија, била дадена наредба тоа да се однесе во серската општина и таму да се погребе. Но, од Солун била испратена заповед телото да се врати назад во с. Баница и таму да биде погребан Гоце Делчев. Така, Гоце заедно со соборецот Гуштанов е погребан покрај цркавата во с. Баница.
Три години подоцна во 1906 година, моштите на Гоце Делчев се ископани од неговиот соборец, Михаил Чаков и ставени во олтарот на црквата во с. Баница. Чаков е човекот кој најмногу е заслужен моштите на Гоце Делчев да се сочуваат до ден денес.
-Во 1917 година, Чаков самоиницијативно, ги пренесува моштите во Софија и ги чува во својата куќа. На 2 август 1923 година, на денот на формирањето на Илинденската органзација во Софија, со достојна почит, од куќата на Чаков, е изнесен дрвениот саркофаг со моштите на Делчев и е предаден на Илинденската организација на чување. Моштите се ставени во специјално резбан саркофаг од ореово дрво во крушовиден облик. На предната страна, саркофагот имаше изрезбана мртовечка глава и вкрстени коски. Над нив имаше закована метална плоча, на која беше испишан следниот текст: „Го заколнуваме поколението, овие свети коски да се однесат во престолнината на слободна и независна Македонија“. Под нив на втората метална плоча било испишано „Гоце Делчев“. Саркофагот бил изложен во цркават Св. Недела во Софија, каде илјадници македонски емигранти се собрале на поклонение, пишува во книгата „Пренесување на моштите на Гоце Делчев во Скопје“.
Илинденската организација во Софија повеќе од четврт век ги чувала моштите на Гоце, се до октомври 1946 година. Во мај 1946 година, започнале преговорите помеѓу Илинденската организација и Градскиот народен фронт во Скопје за пренесување на моштите во македонската престолнина. Во јули истата година, Илинденската организација во Софија позитивно одговорила на барањето на ГО на НФ на Македонија.
На долгото патување, моштите насекаде предизвикувале изливи на чувства и почит кај месното население.
На 10 октомври ( четврток) 1946 година, минувајќи покрај Велес, траурната поворка се упатила кон главниот град на НР Македонија- Скопје. Потоа, свечената поворка се упатила кон цркавата Св. Спас, местото каде што моштите на Гоце Делчев трајно ќе бидат положени и вечно ќе почиваат.
Секоја година на 4 мај, на денот кога загина големиот револуционер, Македонија му се поклонува и му оддава почит на великанот.