Пред 25 години на денешен ден започнаа воздушните напади на авионите на НАТО врз тогашна Сојузна Република Југославија (Србија и Црна Гора). За време на 78-дневните бомбардирања, според официјалните извори, загинаа 2.500 лица, додека вкупната материјална штета проценета е на повеќе десетици милијарди долари, јави дописникот на МИА од Белград.
Загинаа 2.500 лица меѓу кои 1.031 припадници на вооружените сили и полицијата, а ранети се околу 6.000 цивили, 5.173 војници и полицајци, а повеќе лица се уште се водат за исчезнати. Воените загуби на НАТО силите никогаш официјално не се соопштени.
Операцијата на НАТО почна на 24 март 1999 год. под името „Милосрден ангел“ и таа уследи по неуспешните преговори за решавање на кризата на Косово во Рамбује и Париз.
Деветнаесет земји на Алијансата почнаа да бомбардираат од бродови во Јадранското Море, од четири воздухопловни бази во Италија, поддржани од стратешки бомбардери кои полетаа од бази во Западна Европа, а подоцна и од САД. Во бомбардирањето се уништени и оштетени 25.000 станбени единици, 470 километри патишта и 595 километри железнички пруги. Онеспособени се 14 аеродроми, 19 болници, 20 здравствени центри, 18 детски градинки, 69 училишта, 176 споменици на културата, 44 мостови беа оштетени, а 38 беа уништени.
Симбол на страдањето во бомбардирањето на СРЈ беше малата Милица Ракиќ, која почина на 17 април за време на бомбардирањето на Батајница. Ноќта на 23 април 1999 година, по полноќ, НАТО ја нападна и зградата на РТС, при што загинаа 16 работници. Ова беше прв случај кога медиумска куќа беше прогласена за легитимна воена цел.
За време на бомбардирањето беа извршени 2.300 воздушни напади врз 995 објекти низ целата земја, а 1.150 борбени авиони лансираа близу 420.000 проектили со вкупна тежина од 22.000 тони.
НАТО лансираше 1.300 крстосувачки проектили, беа употребени и графитни бомби, како и 37.000 касетни бомби од кои 200 лица загинаа, а повеќе од стотина беа повредени.
По повеќедневен дипломатски притисок, бомбардирањето заврши со потпишувањето на Воено-техничкиот договор во Куманово на 9 јуни 1999 година, а на 10 јуни, беше усвоена Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, по што за три дена започна повлекувањето на срспката војска и полицијата од Косово и влегувањето на меѓународните воени сили.
“Денот на сеќавањето на настраданите на НАТО агресијата 1999“ е централната манифестација што вечерва ќе се одржи во Прокупље, а на која ќе говори претседателот Александар Вучиќ.
Движењето за обновување на Кралството Србија (ПОКС) ги покани поддржувачите „и сите патриоти“ да се приклучат на вечерашниот протест пред зградата на поранешниот Генералштаб во центарот на Белград, по повод најавата дека Владата ќе ја даде оваа зграда под закуп на американски компании, а која беше делумно разурната за време на агресијата на НАТО во 1999 година.