Од спомените на Андон Јанев Ќосето, роден 1855 година, починал на 10 септември 1953 година.

Подготвил: Дарко ЈАНЕВСКИ

Турците ме барале во Велес. Го поткупиле мојот повозрасен брат, му ветиле нешто и дознале дека сум во Солун. Но не знаeja како изгледам. Затоа Турците го довеле брат ми во Солун и почнале да ме бараат. Во Солун во тоа време имаше еден учител Пејчиновиќ, стана и директор на српското училиште. Тој беше и орудие на Турците. Турците го запознаа со мојот брат.

Јас предложив да бидам пајтонџија на д-р Татарчев а истовремено ги исполнував и наредуваните терористички акции од организацијата. Пајтонот го возев само кога д-р Татарчев требаше да оди негде. Ми беше наредено да го убијам Пејчиновиќ. Ми рекоа да го сторам тоа, макар подготовката била бавна, но и да бидам внимателен, да не ме фатат или убијат… Нашите ми рекоа: „Гледај да не настрадаш. Многу си ни потребен…“

Го сретнавме Пејчиновиќ кој се движеше пеш кон училиштето. Тој одеше многу бргу: ние и да трчавме не можевме да го стигнеме. Мите беше најбрз. Носеше црно палто и еден карадачки пиштол. Стигнувајќи, Пејчиновиќ се сврте со главата и куршумот му го однесе челото. Ние се свртевме и избегавме…. Вечерта отидов кај д-р Татарчев. Другиот ден властите ги свикаа сите доктори во Солун. Отиде и д-р Татарчев. Нареди да се впрегне коњот, да ставам ракави и цилиндер, каков што беа должни да носат сите пајтонџии во Солун. Докторот се качи на пајтонот и јас дојдов точно пред училишната порта каде што го застрелавме Пејчиновиќ, Татарчев слезе од пајтонот и го прегледа Пејчиновиќ. Во тоа време Турците го поддржуваа српското училиште… Со Татарчев се вративме. Го прашав дали ќе го биде мојот пријател. Нема, ми рече. Да сакаа да го биде немаше така да го најадат. Докторот велеше дека ништо не знае. Србите го зедоа Пејчиновиќ за да го однесат во Белград, но по пат им починал…

Имав слушано за Делчев, но лично не го познавав. За моето родно место знаеше само Даме Груев. Му имав кажано: Ако сакаш да останеме пријатели, не треба на никого да му кажуваш каде сум роден, инаку ќе те убијам. Тогаш, Даме се насмеа и ме праша: Дали би посегнал по мене, Андоне? Му реков дека и тоа би го извршил. И Даме ја сочува до крај тајната на моето село, до својата смрт.

Тајно дојдов до с. Брод. Ме сретна еден човек кој требаше да ме скрие. Тогаш добив писмо од Гоце Делчев, иако не се познававме. Во тоа време во Брод имаше еден мудурин, не се сеќавам на името, и Делчев ми пишуваше во писмото да го убијам. Ми го покажаа други луѓе. Но полицијата беше блиску до него, па кога ќе ја завршам работата ќе немам каде да бегам. А ноќе, немам како да ја завршам работата. Тогаш ми стигна второ писмо од Делчев во кое ми пишува да го оставам убиството на мудурот, а да отидам кај дедо Илија Крчовалијата. Ќе го сретнеш – велеше Гоце во писмото – јас му пишував за тебе. Заедно со него ќе влезете во селото, ќе го фатите жив Петар Шишко, ќе му ги земете парите и потоа ќе го убиете, зашто пари ни требаат…

На плоштадот во Брод имаше чешма, а крај чешмата аскер. Со дедо Илија решивме уште вечерта да ја решиме работата со Петар Шишков… Кога влеговме (во дуќанот) Петар Шишко стоеше на тезгата и имаше чашка во рацете со која наздравуваше со другите. Кога влеговме, чашката му падна од рацете. Дедо Илија го фати за рамото. Ајде бај Петар, и го изведоа надвор. Јас им се обратив на останатите од крчмата: Никој да не мрднал!… Дедо Илија му рече: Не се плаши Петре, нема да те убиеме. Пари сакаме. Пари ли? праша Шишко – пари ќе ви дадам. Тоа го слушнаа горе и ете ги како носат цела тепсија со пари. Но едновремено се појави и полицијата. Попе ја крена пушката и го уби на место. Припукаа и на нас, но избегавме…

Гоце нареди: еден од Малешевијата бил осуден, па од Берово ќе го носеле во Скопје. Јас по наредба на Гоце требаше да ја удрам стражата. Ја минавме границата кај Елешница. Фативме двајца аскери и ги убивме… Потоа се вративме во Ќустендил, се разбира, пак по наредба на Гоце кој ни имаше кажано сега да не преземаме никаква акција… По извесно време, откако се здруживме со Попето, кај нас дојде Делчев кој веќе беше во илегала. Нашата група не беше голема – броеше пет-шест души. Решивме и Делчев се согласи до го заробиме Назим бег. Но како?… Штотуку се наближивме до Василево, гледаме, бегот излегува од селото јавајќи коњ, а гавазот оди по него. Тој беше зет на солунскиот паша. Започнавме да се караме со Делчев. „Не не“ – викам – „така да му платиш“. „Јас не сум зел ништо“ – викаше Делчев. Се караме и одиме. И токму кога бегот минуваше крај нас, Делчев ги фати дизгините на коњот и викна: „Држете!“… Бегот го извади пиштолот и токму кога требаше да грмне во градите на Делчев, Попето му ја фати раката и куршумот го погоди во ременикот. Така Делчев се спаси… Откако се одморивме еден ден, почнавме да правиме планови за водење преговори за пари. Определивме откупот да биде десет илјади лири. После, откако ги започнавме преговорите, ја намаливме откупната сума на пет илјади лири. Се разбира, се беше под диктат на Делчев. Беше определен и денот и местото каде треба да бидат донесени парите во два дела по 2.500 лири… Јас отидов да ги чекам парите. Гоце остана со двајца другари милиционери во колибата со бегот. Во тоа време Делчев имаше болки во стомакот. Болките го надвјасале но кога малку се смириле, заспал. Тогаш бегот му кажал на еден од милиционерите да запали оган, зашто било студено. Милиционерот отишол по дрва, но го заборавил револверот. За тоа време бегот успеал да ја извлече камата на Делчев да го одврзе јажето и така ги ослободил рацете. Потоа го зел и револверот на Делчев. Било темно и станал за да излезе низ вратата на колибата. На излегување стрелал во стражарот и го ранил во раката и избегал кон с. Нивичани каде му беше и чифлигот. Потоа тргнал кон Струмица и ги сретнал луѓето кои ги носеле парите. Им рекол да се вратат зашто тој избегал и успеал да се спаси…

Настапи есента, а по неа дојде и зимата. Ние се врткавме на Кожуф планина. Тука имаше околу 500 луѓе кои правеа ќумур. Тоа беше во Мариовска Гора. Имаше многу колиби. Работниците се пазареа од Митровден до Ѓурѓовден и беа многу слабо платени. Претприемачи беа двајца бегови. Едниот со седиште во Цариград, а другиот во Солун. Целиот ќумур минуваше преку нив. Кога стигнавме во колибите во Мариовска Гора, беше дојден плаќачот кој ги собрал сите ќумурџии. Како што веќе реков, ќумурџиите броеја 500-600 луѓе. Ние и сега бевме со Попето. Што да се прави? Ги собравме ќумурџиите и им го предложивем следното: „Слушајте, досега како сте се пазареле, сте се пазареле, но отсега натаму, од денес до Ѓурѓовден има еден месец. Ќе пресметате и ќе исечете толку дрва и ќе направите толку ќумур колку што може да се направи од исечените дрва. Повеќе нема да се пазарите. Кој ќе го стори тоа, ќе го заковам на буките. Ако ве повикаат да се пазарите, вие ќе кажете, не можам да се пазарам, зашто ни е страв од комитите. Ќе ги кажете и нашите имиња, Михаил Попето и Андон Ќосето.

Кога наближи крајот на месецот, солунскиот бег ги повикал да се пазарат. Ќумурџиите одбиле да да преговараат за цената на ќумурот. Потоа бегот испратил свои луѓе и пазарил во Прилеп 500 секири (се мисли на дрвосечачи, н.з.) и им дал капар од по една лира. Разбрав дека од Прилеп ќе дојдат работници и ги чекам. И еден ден од прилепско јавија дека ќумурџиите тргнале за гевгелиско. Од Градско сакале да се качат до Мариовска Гора и отаму сакале да тргнат за на планина.

Отидов до Крива Река и кај еден од говедарниците поставив заседа. Тие влегоа во заседата и ги запрев. Им реков да се вратат од кај што дошле. „Ама зедовме по една лира капар“, ми одговорија тие. Им реков: „Ќе се вратите преку планината без да запирате никаде. Ако застанете, ќе ве заколам сите до еден!“.

Не помина многу време и за ова се разбра и во Солун. Од многу трговци почнав да добивам писма во кои ме молеа да ја ослободам гората зашто цел Солун се снабдувал со ќумур од таа шума. И тоа беше точно. Ама јас намислив таа шума да ја користат локалните селани, а не двајцата бегови. Балкан со илјадници квадратни метри. На првото писмо не одговоривме. На следното, второ писмо, напишавме дека прашањето може да се среди „преку преговори“. „Кој има брада, ќе треба да си обезбеди и чешел!“. „Во шумата“, им напишав, „јас сум господар“!“.

По тоа Турците организираа три потери од по 60 луѓе. Ги облекоа во жолти комитски алишта, им ставија качкети на главите и ги пуштија да не гонат. Во сите села поставија аскер, во случај да не откријат, аскерот да притекне во помош. Скитаа, скитаа и за шест месеци не можеа да направат ништо, не можеа да не откријат. По извесно време јас заминав во ениџенско, село Ошин, едно влашко село Ливада, што се наоѓа меѓу Ениџе и Гевгелија…

По едно време бегот посака да преговара. Побара да се види лично се мене. Од с. Серменин, гевгелиско, ме информираа дека истиот бег дошол во селото и по секоја цена сакал да се сретне со мене, дури го ризикувал и својот живот. Јас одбив и наредив дека оној кој ќе се осмели да го донесе бегот кај мене, ќе го убијам. Не поминаа неколку дена, и добив писмо од гевгелискиот кајмакам. Во писмото го пишуваше следново: “Капетан ефенди, ослободи ја шумата ослободи го Балканот, за да прават ќумур. Ако ти треба облека за другарите ти – ќе ти дадам пари, ако треба – ќе ти испратам, што сакаш да ти дадам? Зошто го осудуваш целиот град Солун?”

Писмото беше напишано на француски јазик. Туше од с. Богданци беше мој секретар и знаеше француски. На првото писмо јас не му одговорив. Поминаа неколку дена, и стигна голема молба за одговор. Тогаш јас му испратив писмо со следнава содржина: “Го добив твоето писмо, ти пишувам зашто ме молиш многу и сакаш да слушнеш одговор од мене. Немој да мислиш дека јас ја чувам шумата, за да се кријам во неа. За мене и полето, и шумата се едно исто. Храна имам, облека – исто, ама и храбри другари имам. Но знај едно нешто, ти си кајмакамот во градот Гевгелија, а јас сум цар на шумата, и на Балканот, и на полето. Јас не седам во шумата за да се кријам во неа, туку затоа што полето ќе остане без вода!”

Поминаа десетина дена, сепак одговор не добив. Малку подоцна, добив писмо од Цариград. Цариградскиот бег ми пишуваше: “Ти праќам шест сребрени часовници, кавкаско сребро, со позлатени вратички, како и шест кордона за часовници. Ти испраќам и шест кутии со сребрени чибуци, а исто толку и лажици, вилушки и ножеви.” Понатаму пишуваше: ” Те молам, капетан ефенди, ти го испраќам овој бакшиш, но ќе те молам да дозволиш да работат пет секири, колку за мене.”

Му одговорив следново: “Ти благодарам што си ми напишал. Бакшиш добив и ја разбрав твојата молба. Ама јас само едно нешто предлагам: не пет, и педесет секири ќе ти ослободам, но под еден услов – ти сам да дојдеш да работиш!”
И така беше прекината секаква комуникација. Одлучивме да ја поделиме шумата меѓу сите села, и определивме цена на ќумурот и тоа на следниов начин: за товар магарешки – 15 гроша, за товар коњски – 20 гроша. Тоа беа минималните цени. Над овие цени секој колку сакаше можеше да наддава, ама ако некој продава по пониска од пропишаната, се казнуваше со смрт.