За граѓаните на Македонија, овој пример може да биде поучен за тоа дека не секогаш тоа што е поевтино е правилен избор. Засега нема информации дали наши граѓани уплатиле поевтини аранжмани преку оваа агенција
Дури 4.500 лица кои уплатиле аранжмани преку туристичката агенција САБ се измамени и останаа без летување. Оваа белградска агенција, како што пишува српски Информер, продавала евтини аранжмани, главно за грчките одморалишта на Халкидики, Крф и Парга. Проблемите се случиле поради неизмирени сметки со партнерите на агенцијата во Грција.
Оваа, како што тврдат надлежните за оваа сфера, е најголема туристичка измама во последните 20 години во Србија.
За граѓаните на Македонија, овој пример може да биде поучен за тоа дека не секогаш тоа што е поевтино е правилен избор. Оти во последниве години, има доста македонски граѓани, кои за одмор во Грција уплатуваат аранжамни преку српски агенции, бидејќи наводно таму понудите на аранжманите биле поевтини.
Засега нема информации дали има македонски граѓани кои уплатиле поевтини аранжмани преку оваа агенција.
Дека нешто не е во ред со работата на САБ, прв пат е обелоденето пред десетина дена, кога патници со платен аранжман во оваа агенција, кои допатувале на Крф, останале со саати на улица, бидејќи парите за апартманите за кои уплатиле во агенцијата, таа не ги исплатила на тамошните газди. Па, проблемот наместо агенцијата, морал да го решава српскиот конзулат во Грција.
На други групи граѓани, кои уредно уплатиле, САБ во петокот, само неколку часа пред тргнувањето за Халикидики, им соопштила дека патувањето е откажано. Проблем имале и туристите од Србија што веќе биле во Грција, а САБ требало да ги врати назад во Србија, но им било кажано дека агенцијата не ги подмирила долговите за автобускиот превоз.
– На моето семејство Грците не му дозволија да влезе во апартманот, затоа што агенцијата САБ не платила за тоа, изјави Срѓан Јовановиќ, еден од оштетените граѓани.
Такви и слични примери, од револтирани граѓани, има многу.
Одговорот од агенцијата САБ за настанатите проблеми го даваат на нивната веб-страница, каде што наведуваат дека ги „откажуваат патувањата поради виша сила“.
– Почитувани патници, заради виша сила, ги откажуваме сите патувања од 22 јуни па натаму. Ќе има обесштетување за уплатените аранжмани преку патничкото осигурување. Благовремено ќе ве известиме за новите информации. Патниците кои уплатиле аранжмани преку други агенти, преку нив ќе бидат информирани за натамошно решение, порачува САБ преку својот вебсајт.
Агенцијата почнала со работа во 1992 година, има 24 постојано вработени, 15 водичи, има деловница во Нови Сад, а продава аранжмани освен за Грција и за Црна Гора, Хрватска, Бугарија и Египет.
Така долгоочекуваниот годишен одмор може да се претвори во пекол. Како да се решаваат вакви и слични ситуации? И кога уплатувате нешто што не го добивате, квалитетот на сместување не е тој за кој сте платиле и слично.
– Една варијанта е недостатоците да се пријават на лице место и веднаш да се бара отстранување, па во тој случај нема жалби. Друга варијанта е по завршувањето на аранжманот да се бара надоместок. Тоа се прави со упатување жалба до туристичката инспекција или се оди на туристичка арбитража, советуваат надлежните за вакви проблеми.
Сепак, за уништен годишен одмор, кој нестрпливо го чекаме цела година, било каков надоместок е само мала сатисфакција. Затоа внимавајте при изборот на аранжманите и агенциите кои тоа го нудат.