Тогаш и рекол дека токму тој ден, на 28 јануари 1881 година, ќе умре. Таа го погалила по косата, а тој ја замолил да му запали свеќа и да му ја даде во раката.

Блаже Миневски

Петроград плови во тивка есенска влага; околу плинските улични светилки трепкаат мали виножита. Врз неговата маса за пишување стојат листови со податоци за книгите доставени до книжарниците. Достоевски сам ги внесува податоците за продадените книги. Последните негови белешки се забележани два дена пред смртта. На почетокот на таа 1881 година тој веќе ги има исплатено сите долгови што го мачеле цел живот. Дури имал и заштедено пет иљади рубљи. Се чувствувал одлично; имал само шеесет година и бил академик.

На 25 јануари имале дома гости. Штом си заминале, Достоевски се повлекол во кабинетот и долго внесувал корекции за новото издание на „Злосторство и казна“. Работејќи без прекин, во еден момент му паднала перодршката, а со неа не само што пишувал, туку и го стискал тутунот кога си правел цигари. Се наведнал, барал по собата и најпосле открил дека перодршката се истркалала под една од полиците со книги во собата. За да дојде до перодршката требало да ја помести полицата.

Се обидел неколкупати, се напрегнал колку што може и не може, и успеал некако да дојде до перодршката. Продолжил да работи, но во устата за миг му наврела крв. Во мугрите Достоевски изгубил свест, а кога малку се повратил побарал да му викнат свештеник. Тогаш ги повикал кај себе Ана и децата. Ги благословил, им посакал да живеат во мир и во љубов. Децата излегле расплакани, а во собата останале сами, тој и Ана Грегориевна Достоевски. Неколку мига само ја гледал, а потоа и се заблагодарил за среќата што му ја подарила, извинувајќи се за навредите и огорчувањата.

Следните часови бил спокоен. Ана си ја донела постелата спроти неговата, а изутрината кога се пробудила од кратката дремка видела дека Достоевски втренчено гледа во неа. Тогаш и рекол дека токму тој ден, на 28 јануари 1881 година, ќе умре. Таа го погалила по косата, а тој ја замолил да му запали свеќа и да му ја даде во раката. Го побарал, исто така, и Евангелието. Таа тогаш заплакала, а тој ја тешел со зборовите:

„Запомни Ана, секогаш жестоко те сакав и не сум те изневерил, дури ни во мислите.“

Си ги избришале солзите еден на друг и ги  викнале децата за да се прости со нив. Умрел вечерта во осум часот и триесет и осум минути. Го изнеле од домот на 31 јануари. Поворката била величествена: повеќе од седумстотини венци од свежо и скапо цвеќе, а десеттина хорови пееле погребни песни. Зад ковчегот одело семејството на Достоевски – децата и Ана во долг, црн фустан, а зад нив, во поворката, имало над 30.000 луѓе. Сите краеви, кои во животот не можел да ги состави еден со друг, сега биле скриени во неговиот гроб покриен со цвеќе и гранитен споменик.

Мајка му на Достоевски умрела од туберкулоза кога тој имал шестнаесет години. Избегнувала да го милува, за да не го зарази. Две години подоцна останал и без својот татко, кој често тирански се однесувал кон своите деца, но и кон селаните. Оние две година по смртта на сопругата ги преживеал со слугинчето Катја. Неколку година потоа Достоевски доживува слава со својот роман „Бедни луѓе“, но и прогонство во Сибир поради членување во кружокот на Петрашевците. Токму со тие мачни година на прогонство се поклопува и смртта на братот, а малку потоа и смртта на  неговата прва сопруга.

Тогаш Достоевски пишува писмо до својот пријател Врангел во Копенхаген во кое меѓу другото вели:

„Нова љубов не само што не може да имам, туку и не треба да имам. По враќањето од заточение ги објавува „Записите од мртвиот дом“, но и повеста „Неточка Незванова“.

Ана Грегориевна Сниткина ја прочитала „Неточка Незванова“ на шеснаесет година и дома почнале да ја викаат Неточка. Достоевски и станал омилен писател – прочитала се што дотогаш објавил! Во тоа време славниот, но и ужасно сиромашен писател барал стенографка по градот. Професорот Олхон му ја пратил својата најдобра ученичка, Ана Сниткина. Тоа се случило на 4 октомври 1866 година. Додека тој и го диктирал својот роман „Коцкар“, младата стенографка се вљубила  во него.

Таа имала само дваесет, а тој четириесет и четири години. Се вљубил во неа и писателот – бивш робијаш, вдовец, задолжен до гуша, а згора на тоа и епилептичар – поголема несреќа се чини не можела да и се случи на Ана Сниткина. На 29 октомври тој и ги издиктирал последните странички од романот „Коцкар“, што значи заедно работеле четири недели. Следниот ден таа му ја донела препишана последната глава, а тој и кажал дека му е роденден. Се разбира таа му честитала и си заминала.

По пет дена отишол кај нив дома, и ја побарал за жена. Тој зборувал цели два часа, а таа му кажала само: „Јас ве сакам и ќе ве сакам целиот живот“.

Следниот ден го распрашува за детството, за минатото. Тој и кажувал дека имал жесток татко и многу добра мајка, а имал и сопруга што многу набрзо му починала. Исто така и признал дека по смртта на сопругата имал нешто со Аполинарија Суслова, но тоа, и рекол, било само нагонска врска. Ана, како сите жени, се свиткала од љубомора и се облеала со солзи.

Веднаш по свадбата тргнале на свадбено патување. Сиромашни, но заљубени, пропатувале низ Дрезден, Женева, Фиренца… Тогаш Достоевски и го посветува својот роман „Браќа Карамазови“. Ана му е првиот слушател, критичар, коректор. Го одржува книжниот фонд и ја организира продажбата на книгите. И, се разбира, се гордее што е негова сопруга.

Во Женева 1867 година, една година по свадбата, им се раѓа Соња. Ја крстиле и умрела. Ја погребале во гробиштата на сиромашните во Женева. Нејзиниот гроб и денес е таму. Следните две години Фјодор и Ана талкаат низ Европа. Во почетокот на 1869 година, кога биле во Фиренца, таа пак забременува. Заминале оттука во Венеција, а потоа во Трст. За тие околу девет месеци, Ана одлично го совладала италијанскиот јазик. Од Италија заминале во Германија, а во Дрезден им се родила ќерката Љуба. Растела таа, но растеле и долговите.

Сите што го знаат делото на Достоевски, веројатно ќе се согласат дека тешко може да го замислат насмеан. Тој во животот речиси секогаш бил намрштен, мрачен и сериозен. Сепак, во семејството имало и по некоја шега. Една таква шега се случила на 18 мај 1876 г. Во списанието Татковински записи, бил отпечатен роман од Софија Смирнова, писателка што Достоевски исклучително ја ценел. Наоѓајќи малку слободно време, Ана почнала да го чита овој роман. Во него имало писмо на некој херој, кои во името на некоја жена, му пишувал на друг маж дека сопругата го изневерува, а ако не верува во тоа нека погледне во медаљонот на својата сопруга – во него е фотографијата на нејзиниот љубовник. Ана Грегориевна го препишала писмото од романот, исфрлила неколку реченици, малку ги превртила отстанатите, одозгора напишала обраќање до Достоевски и го пуштила во нивното пошенско сандаче.

Фјодор Михајлович се вратил дома околу пет часот, го земал писмото од сандачето, седнал весел на масата, јадел, потоа си ја зел чашата со чај, писмото, и заминал во својот кабинет. По десетина минути Ана отишла да го види ефектот. Достоевски седел зад бирото, помрачен од кога и да било и гледал во една точка на ѕидот. Таа го прашала што му е, а тој веднаш ја прашал за медаљонот, наредувајќи и веднаш да му го даде. Ана, за да ја зголеми напнатоста изглумила дека се спротивставува, а Достоевски скокнал од столчето, ја зграпчил за кошулата, копчињата летнале по подот, а медаљонот му останал во раката.

Се мачел да го отвори, но рацете му трепереле. Го скршил со мастилницата и на масата паднале сликичките: на едната тој, на другата ќеркичката Љуба. Феѓа, му рекла Ана, како можеш да поверуваш во анонимно писмо. Тој ја прашал од каде знае за писмото, а таа му кажала дека  го препишала од романот на неговата омилена писателка Смирнова и дека сама го пуштила во сандачето. И поверувал дури откако ги споредиле тоа писмо со писмото од романот. Тоа е се што се однесува до шегите во семејството Достоевски.

По смртта на својот сопруг, Ана Грегориевна си дала збор: сите денови што и остануваат од животот ќе му ги посвети на Достоевски. Седум пати ги издала неговите собрани дела, и на сите им пишувала биографски белешки. Големиот писател Лав Николаевич Толстој, кога прв и последен пат ја видел неа, не ја криел восхитеноста од толку големата и толку искрена љубов на Ана кон својот покоен сопруг. Многу писатели би биле среќни кога би имале жени како тебе, и рекол Толстој.

А таа со возбуда, но и со солза во окото, му одговорила:

„Мојот маж беше добар, великодушен, милосрден, справедлив, некористољубив, деликатен, сострадалник – како никој друг. Ах, каков маж беше тој! Колку ме сакаше, колку јас го сакав!“