Белоруски суд вчера изрече долги затворски казни за неколку критичари на режимот на претседателот Александар Лукашенко, меѓу кои и сопругот на опозициската лидерка Светлана Тихановскаја.

Сергеј Тихановски, кој е во притвор околу 1,5 година, осуден е на 18 години затвор поради организирање на антивладини протести, поттикнување социјално непријателство, попречување на работата на Централната изборна комисија и организирање акции со што бил нарушен јавниот ред.

Сергеј Тихановски е познат видео блогер, кој се кандидираше за претседател, но беше уапсен под сомнителни обвиненија и ставен во затвор. На негово место беше номинирана неговата сопруга Светлана Тихановскаја, која го освои второто место на претседателските избори. Опозицијата одби да ги признае резултатите и организираше протести, кои во некои случаи прераснаа во немири.

Вчера беа изречени драконски пресуди и за други опозиционери. Меѓу нив е уште еден видео блогер, Ихар Лосик, кој е осуден на 15 години затвор. Четворица други обвинети се осудени на затворски казни од 14 до 16 години.

Тие беа уапсени пред контроверзните претседателски избори одржани во август 2020 година.

Авторитарниот владетел Александар Лукашенко тврди дека на тие избори го добил шестиот мандат на власт и покрај широко распространетото верување дека гласовите биле наместени, што доведе до масовни протести.

– Самото постоење на овие луѓе е криминал за режимот. Тие се казнети затоа што сакаа да живеат во слободна Белорусија, напиша Светлана Тихановскаја на Твитер веднаш по објавувањето на веста за пресудата.

– Диктаторот јавно им се одмаздува на своите најсилни противници. Криејќи ги политичките затвореници на затворени судења, тој се надева дека репресијата ќе продолжи во тишина. Но, целиот свет гледа. Ние нема да застанеме, додаде таа.

Тихановскаја живее во егзил во Литванија откако избега од Белорусија по изборите поради загриженост за нејзината безбедност и безбедноста на нејзините две деца.

Обвинетите, кои се во притвор од нивното апсење, се товарат за разни наводни кривични дела, меѓу кои организирање масовни немири, поттикнување нетрпеливост, попречување на работата на Централната изборна комисија и организирање активности кои го нарушуваат општествениот поредок.

Нејасно е зошто на некои од обвинетите им се судеше заедно или зошто судењето се одвиваше зад затворени врати.

Судењето, кое траеше 173 дена, беше едно од најдолгите во историјата на Белорусија. Групите за човекови права ги сметаат сите шестмина осудени во југоисточниот град Хомел како политички затвореници.

По изборите, десетици илјади луѓе беа приведени, а активистите за човекови права велат дека повеќе од 800 луѓе се сметаат за политички затвореници.

По изречените драконски казни, веднаш се огласија и западните земји.

Германската министерка за надворешни работи остро ја осуди казната против лидерот на белоруската опозиција Сергеј Тихановски.

– Ги земав предвид скандалозните казни против Сергеј Тихановски и другите, изјави Аналена Бербок на прес-конференција за време на посетата на Стокхолм. Тие се срам за владеењето на правото и меѓународните обврски на Белорусија, додаде таа.

Шефот на американската дипломатија Ентони Блинкен, по изрекувањето на казните, повика да се стави крај на „тешката репресија“ во Белорусија.

– Ниту едно од овие лица, ниту белорускиот народ, не заслужуваат да трпат таква тешка репресија, се наведува во изјавата на државниот секретар Блинкен.

Европската унија, исто така ги осуди вчерашните пресуди.

Портпаролот на европскиот министер за надворешни работи, Жозеп Борел, изјави дека станува збор за неосновани и строги казни изречени за шестмината опозиционери и дека ЕУ подготвува нови санкции против Белорусија.

-Овие пресуди се нови примери на неосновани обвинувања против белоруските граѓани, кои го искористија своето право да се изразат и побараа слободни и рамноправни избори, рече портпаролот Петер Стано.

За него, пресудите се брутална и систематска репресија на сите независни гласови во Белорусија и ЕУ силно ги осудува овие флагрантни и постојани прекршувања на човековите права и основните слободи од режимот во Минск.

-Поради постојаното влошување на кршењето на човековите права и репресијата, ЕУ планира да воведе нови санкции, додаде Стано.