Имаме многу работа, немаме време за губење, истакна германскиот канцелар Олаф Шолц при денешното, прво обраќање по заклетвата, во Бундестагот.

Шолц рече дека граѓаните на последните избори се одлучиле за развој и оти развојот треба да успее во услови на пандемија.

Презентирајќи ја програмата на новата влада, тој истакна дека пред неа стојат одлуки за големи насоки, важни за иднината.

„Новата влада ја презема должноста во тежок период, кога станува збор за пандемијата. Преголем број инфекции, драматичен трансфер на пациенти од одделенијата за интензивна нега, постојано нови вести за нови соеви. Свесен сум дека е тешко во таа ситуација да не се изгуби вербата во иднината. Денеска од ова место им порачувам на граѓаните дека ќе биде подобро, решително ќе се бориме со пандемијата, ќе ја добиеме таа борба и ќе ја надминеме кризата“, истакна Шолц.

Тој рече дека ситуацијата е тешка, но дека постои решение.

„Знаеме дека по 20 месеци од пандемијата вирусот ги сака контактите и затоа е важно тие да се намалат во зима. Треба редовно да се тестираме и да ги намалуваме контактите, но најважно е граѓаните да се вакцинираат, рече канцеларот, додавајќи дека само на тој начин може да се надмине четвртиот бран.

Шолц посочи дека досега се дадени 19 милиони вакцини и апелираше до граѓаните сите да учествуваат во борбата против пандемијата.  Тој смета дека е можно до крајот на месецот да се постигне целта од 30 милиони вакцини, што, како што рече, би било чекор кон победа на пандемијата.