Големопродажните цени на гас во Велика Британија и во Европската унија се зголемија за 17 отсто, откако германскиот енергетски регулатор суспендираше издавање дозвола за гасоводот Северен поток-2 од Русија до Германија, јави Би-Би-Си.

Беше нагласено дека компанијата што ќе управува со гасоводот мора да го почитува германското законодавство пред да може да се издаде дозвола за проект вреден 10 милијарди евра.

Критичарите стравуваат дека гасоводот ќе ја зголеми енергетската зависност на Европа од Русија. Гасоводот беше завршен во септември, но изградбата беше проследена со доцнење.

Поминувајќи под Балтичкото Море, Северен поток-2 ќе го удвои извозот на руски гас во Германија, но ќе ја заобиколи и Украина, која се потпира на приходите од постојните гасоводи и ќе биде тешко погодена од губењето на транзитните такси.

Германските компании инвестираа многу во гасоводот долг 1.225 километри, а поранешниот канцелар Герхард Шредер одигра голема улога во неговиот развој.