Македонската ракометна репрезентација попладнево го одржа првиот собир во пресрет квалификацискиот циклус за пласман на Европското првенство во 2020 година.

Селекторот Раул Гонзалес во Скопје ги пречека ракометарите, а на првата прозивка се појавија сите со исклучок на Филип Талески, кој поради клупски обврски ќе пристигне подоцна.

Гонзалес изјави дека македонската репрезентација има фаворитската улога, а очекува со добро издание на неговите избраници да го потврдат тоа.

–          Ние сме фаворити, но треба тоа и да го потврдиме. Треба да се фокусираме на натпреварот, да имаме почит кон противникот и да одиграме како и на сите досегашни натпревари. Играме дома, треба да мислиме само на првиот натпревар, а потоа ќе видиме. Ни претстои тежок меч, истакна Гонзалес.

Селекторот очекува добарa атмосфера и поддршка од публиката на натпреварот во Битола.

–          Репрезентацијата на Македонија заслужуваат да ја гледаат навивачите ширум целата земја. Сум водел натпревари во Битола, знам дека таму се создава добра атмосфера и затоа сум уверен дека ќе имаме голема поддршка од трибините, наведе Гонзалес.

Македонските ракометари првиот квалификациски натпревар против Турција ќе го играат на домашен терен во Битола на 25 октомври, а три дена подоцна ќе се соочат со Грција на гостински терен во Кожани.