И втората поставена новогодишна елка во атинската населба Ексархија, исто како и првата, не издржа ниту 24 часа – непознати лица доцна синоќа ја запалија, јави дописничката на МИА од Атина.

Во населбата Ексархија, што важи за собиралиште на анархисти, првата новогодишната елка беше поставена во средата наутро, а во вечерните часови беше запалена, по што реагираше градоначалникот на Атина, Костас Бакојанис, кој истакна дека елката одново ќе биде поставена.

– Светлината секогаш ја победува темнината. Љубовта секогаш ја победува омразата. Божик не може никој да го запали. И е за целиот град. Затоа, елката повторно ќе се постави. Судија на вандалите кои што се гордеат и на Јутјуб се жителите на Ексархија кои сакаат, исто како и останатите Атињани, да живеат и да се радуваат, напиша Бакојанис.

Атинскиот градоначалник го одржа ветувањето, и вчера наутро беше поставена нова елка, меѓутоа ја имаше истата „судбина“ како и претходната.