Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски и Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, денеска го означија почетокот на реконструкцијата на улицата „Лазар Поп Трајков“, една од најважните сообраќајни артерии во општина Гази Баба.

– По децении чекање, почнува реконструкцијата на „Лазар Поп Трајков“. По оваа улица секојдневно минуваат луѓе кои со години чекаат подобри услови. Нивното трпение заслужува одговор со конкретна работа. Денес, таа работа започнува. Со нов асфалт, нови тротоари и рабници, ставаме крај на долгогодишната голгота на жителите и создаваме побезбедни услови за возачите и пешаците. Гази Баба заслужува современи и безбедни улици. Иако реконструкцијата не беше дел од мојата програма, потребите на граѓаните се обврска. Програмата е темелот на она што сме го ветиле, но нашата работа нема да застане само на напишаното – изјави Ѓорѓиевски.

Градоначалникот Ѓорѓиевски нагласи дека неодамна беше реконструиран и надвозникот ,,Естакада”, кој исто така е од огромна важност, како и дека се вложува рамномерно во секоја општина, затоа што секое маало е важно и секој граѓанин заслужува уредена улица, безбеден тротоар и достоинствени услови за живот.





