Претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за поставување на пратенички прашање ги отфрли обвинувањата на претседателот на опозициска СДСМ Венко Филипче, укажувајќи му дека обидите за поврзување на актуелните политички случувања во Србија со него и со Владата се засноваат на, како што рече, лаги и политички конструкции.
„Овие прес конференции кои што вашата политичка партија ги пренесува, а што се однесува до изборите во Србија и нивното поврзување со нас во контекст на тој кој чии и каков ментор бил нема да ги коментирам. Ќе оставам на времето да даде одговор на сето тоа кое што вие го кажувате денеска и лагите ги испраќате. Јас вчера во една моја изјава се извинив на граѓаните за сето она кое што ќе го слушаат во периодот кој што следи. Тоа е едноставно нивото со кое што вие мислите дека во овој момент ќе добиете гласови. Тоа е ваша одлука, слободно водете политика она како што мислите. Но, ако мене ме прашувате за совет, мислам дека чекорите многу погрешно. Но, тоа е ваша одлука, јас нема тука да се мешам“, изјави Мицкоски.
Натаму додаде:
„Истото го зборувавте и за Орбан пред 6 месеци, истите прес конференции од А до Ш. Споредете ги и во овие 6 месеци, и тогаш велевте ќе се откриеле криминалиите на Мицко со Орбан, не знам што е се случуваше итн. Но, еве поминаа 6 месеци се откри една работа, дека сме земале добар финансиски кредит од страна на Унгарија. Кредит кој што го употребивме соодветно, а доказ за тоа дали сме го употребиле соодветно е денешниот извештај од Државниот завод за ревизија.“
Премиерот Мицкоски посочи дека наместо најавуваните скандали од опозициската СДСМ, досегашните информации покажуваат дека средствата од унгарскиот кредит биле искористени за поддршка на економијата и на домашното стопанство, а тоа го потврди и извештајот на Државниот завод за ревизија.
„Денеска Државниот завод за ревизија вели дека средствата од унгарскиот кредит се наменети за раст на македонската економија, дел дека се наменети за враќање на евро обврзница која што вашата влада ја има подигнато, тоа е половина милијарда, и дел дека се за поддршка на македонското стопанство.“, рече Мицкоски.
„Значи во овие 6 месеци нема ни К од криминал, туку потврда дека оваа влада за оваа држава направила добро дело.“, дециден е Мицкоски.




