Во изминатиов период просечните вредности на загаденоста на воздухот не ги надминуваат граничните вредности, односно тоа се случува само во кратки временски интервали и на одредени локации, додека посочената апликација ги регистрира само највисоките вредности постигнати во одреден момент, наведуваат од Град Скопје.

Тоа е реакција на информациите што изминативе два дена се објавуваа во јавноста, околу загаденоста на воздухот во Скопје и рангот на истражувањето на глобалната апликација Ер Вижуал (Air Visual), како и напорите на градот за борба против загадувањето.

Од Градот Скопје информираат дека во рамките на своите надлежности работат на системско решавање на проблемот со загаденоста на воздухот, преку спроведување  активности дефинирани со Планот за подобрување на квалитетот на воздухот што опфаќа 53 краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки.

– Од аспект на сообраќајот, Градот Скопје е во постапка на набавка на 40 нови еколошки автобуси, инвестиции во електромобилноста, како и во подобрување на инфраструктурата и на условите за користење на велосипедот како превозно средство. Првпат минатата година во неколку наврати во случаи на екстремно загадување, Град Скопје овозможи бесплатен јавен превоз за сите, за да го дестимулира возењето  автомобили, стои во соопштението.

Од аспект на греењето, Град Скопје наведува дека го формира новото јавно претпријатие „Градски енергетски системи АД Скопје“ кое ќе врши енергетски дејности и  ја реализира постапката за преземање на градската топлификациска  мрежа, со што ќе стане директен фактор во одлуките во оваа област, која е голем причинител за загадувањето на воздухот, како и да се вклучи во процесот на гасификација на Скопје. Покрај ова, Градот и оваа година субвенционираше граѓани кои се греат на печки на дрво и други течни горива, да набават печки на пелети кои загадуваат далеку помалку.

Посочуваат дека од аспект на контролата, инспекциските служби на Град Скопје се на терен постојано, контролирајќи ги лицата кои креираат и ги палат дивите депонии, каде што активностите на терен резултираа со двојно повеќе казни во однос на истиот период лани. Првпат се користат дронови за мониторирање на изворите на загадувањето, а минатата година беше формиран и 193 центарот за елиминирање на отворени огнови кај бездомни лица. Иако расчистувањето на дивите депонии не е работа на Градот, туку на општините, сепак , од Град Скопје во 2018-та се исчистени над 3000 метри кубни диви депонии, далеку повеќе од 2017-та (375 м3).

Апелираат  до преостанатите државни институции и општини во Скопје и во скопскиот плански регион да го следат примерот на Град Скопје и да ги вршат должностите што се нивна законска ингеренција. Потенцираат дека само со заеднички напори може да се бориме против загаденоста на воздухот.

– Апелираме и до граѓаните да се вклучат во борбата против загаденоста на воздухот, преку помало користење на возилата и користењето на јавниот автобуски превоз, како и повеќе лица да се возат во едно возило, за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал, соопштуваат од Град Скопје.