Град Скопје објави повик за ангажирање асистенти за потребите на учениците со посебни образовни потреби во средните училишта на Град Скопје за учебната 2021/2022 година.

Од 4 до 13 август 2021 година, од 8 до 14 часот, сите евидентирани невработени лица што се заинтересирани да се вклучат во програмата Општинско-корисна работа во рамките на проектот „Поддршка на инклузијата во образовниот процес-унапредување на правата и можностите за ранливите категории на граѓани во Град Скопје“ може да се пријават во Агенција за вработување – Центар за вработување на Град Скопје.

Лицата што ќе бидат избрани ќе бидат ангажирани 20 часа неделно за период од девет месеци и ќе им биде исплатен паричен надомест за работно ангажирање во висина од 9.000 денари месечно, со вклучени данок на личен доход и осигурување за инвалидност и телесно оштетување предизвикано од повреда на работа и професионална болест. Целта на проектот е овие лица да се стекнат со вештини и постепено да се вклучат на пазарот на труд.

Како што информира Град Скопје, евидентираните невработени лица што ќе се пријават за учество во програмата Општинско-корисна работа треба да припаѓаат на една од следниве целни групи невработени лица: долгорочно невработени лица (над 12 месеци во евиденција, со предност на невработени лица над пет години); млади лица до 29 години; лица постари од 50 години; лица корисници на право на парична помош од социјална заштита или корисници на паричен надомест по основ на невработеност; лица кои биле корисници на Програмата условен паричен надомест за средно образование; лица кои имале статус на деца без родители и родителска грижа; жртви на семејно насилство; жени од ромската етничка заедница; самохрани родители; родители на деца со пречки во развојот; родители на три и на повеќе деца; родители на деца на улица и невработени лица на кои им престанал работниот однос во периодот на корона вирусот.

Повеќе информации за Програмата ОКР може да се добијат во Град Скопје, Сектор за образование, секој ден од 8.30 до 16.30 часот,  кај Султана Чулева, општински координатор на програмата Општинско-корисна работа, на телефонскиот број 070/303-885.