Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска заедно со градоначалникот на Општина Аеродром Тимчо Муцунски и директорот на ЈП „Улици и патишта“ Борис Настов извршија увид во градежните активности за изградбата на велосипедска и пешачка патека на булевар „Србија“, како и на продолжувањето на пешачката патека на булевар „Видое Смилевски Бато“.
– Утврдено е дека градежните активности на патеките се одвива според предвидената динамика и планирано е нивно завршување во предвидениот рок. Ќе се задржи средишното зеленило и ќе се обнови, а и страничните делови на булеварите ќе бидат уредени со нови зелени површини и со нови садници, наведуваат од Град Скопје.
Изградбата на вело и пешачката патека на булевар „Србија“ е во насока од булевар „Февруарски поход“ кон булевар „АСНОМ“, во должина од 850 метри и широчина од четири метри (два метра вело патека и два метра пешачка патека), на вкупна површина од 3.400 квадратни метри.
Изградба на пешачка патека на булеварот „Видое Смилевски Бато“ е на потегот од страна булеварот „Февруарски поход“ кон булевар „АСНОМ“, во должина од 300 метри и три метри широчина, на вкупна површина од 900 квадратни метри.
– Изградбата на нови велосипедски патеки и подобрување на постојната велосипедска инфраструктура во Скопје е еден од приоритетите на новата градска администрација. Истовремено ќе се работи и на развивање на велосипедската мрежа кон приградските населби, со што ќе се намали ризикот од возење велосипеди на коловозите, се со цел поголема безбедност на граѓаните коишто користат алтернативен превоз, се вели во соопштението од Град Скопје.