Со цел да се заштити планината Водно од загадување и да се овозможи непречено и безбедно движење на сите учесници во сообраќајот, комуналните редари и овој викенд вршеа засилени контроли и изрекоа шест казни за паркирање во зеленило, соопшти денеска Град Скопје.

Бесплатниот автобуски превоз викендов го искористиле 1.200 патници на трите бесплатни автобуски линии кои прават 29 тури дневно кон Средно Водно. Паркингот на Водно викендов го искористиле 77 возила според бројот на испратени СМС пораки. Жичницата работела со полн капацитет и превезени се околу 1.000 патници.

– Како дел од континуираните заложби да се овозможи безбедно рекреирање на пешаците и на велосипедистите во деновите кога е најпосетено и спречување метеж од возила за време на викендите, Град Скопје воведе бесплатен автобуски превоз за време на викендите и празниците, а на паркиралиштата на Средно Водно е воведено зонско паркирање. Паркирањето е бесплатно за хендикепираните лица, како и за туристичките автобуси, истакнаа од Град Скопје.

Така гласи денешното соопштение од Град Скопје за Водно, кое во изминатите две години беше искасапено од пилите и булдожерите кои го градеа гасоводот низ шумата, а за тоа екологистите безуспешно апелираа до градските власти за заштита. Тогаш немаше соопштенија што прави Градот за заштита на Водно како сега кога е важно да им се соопшти на граѓаните дека метежот од луѓе бил намален.