Во Антакија, Хатај, кој речиси беше срамнет со земја во разорните земјотреси што ја погодија Турција на 6 февруари, зграда стара 30 години остана неоштетена, додека новите згради околу неа паднаа како кули од карти.
Илјадници згради и куќи беа уништени во оваа област, но оваа зграда не се ни помрдна, иако зградата до неа се урна до темел. Она што на многумина им падна во очи по разорните земјотреси е тоа што не паднале ниту саксиите на балконите.
Наставникот Махмут Ајтак, поранешен сопственик на оваа зграда изградена од четворица браќа, вели дека шокиран гледал како сите соседни згради се срамнети со земја.
– Кога ја градевме оваа зграда, ставивме два слоја бетон во основата. Значи, користевме материјал за два ката само на темелот. Изградивме 60 столбови. Сакавме стабилна зграда што може да издржи земјотрес од 8 степени на Рихтеровата скала, вели Махмут за турскиот весник Милиет.
Махмут вели дека изградбата започнала во 1983 година, но дека зградата била завршена во 1992 година.
– Се вселивме следната година. Зградата е стара 30 години и повеќе. Никогаш не сум поставил толку железо. Никогаш не сум истурил толку бетон. Дури и да не погоди земјотрес од 9 степени, оваа зграда ќе остане да стои, вели Махмут.
Тој вели дека работник тогаш му рекол дека и да се случи земјотрес, Махмут и неговото семејство не мора да бегаат, бидејќи ни пукнатина на ѕидот нема да се појави.
Махмут е пресреќен што се спасени животите на семејствата кои живеат во десет стана во таа зграда.
– Бидејќи добро изградивме, им ги спасивме животите на тие луѓе. Внатре има 10 стана… Зградата до нас не постои. Ја изградија без да ја ископаат, нема темел, вели Махмут.
За жал, иако тој и неговите браќа ја изградија можеби најбезбедната зграда во Турција, Махмут доживеа трагедија во овој земјотрес.
– Сестра ми Аетија реши да купи луксузен стан и се пресели. Целата таа зграда се урна. И таа и нејзиниот сопруг загинаа… Да останеше овде, ќе беше жива, рекол Махмут.
Тој додава дека неговиот брат го продал станот во зградата поради финансиски тешкотии.
– Тој купи уште еден стан во Хатај, но таа зграда беше тешко оштетена во земјотресите. Веќе не е погодна за живеење, вели Махмут.
Вели дека продал и стан во таа зграда.
– Продадов затоа што се преселив во Истанбул пред 6 години. Оттука барав добар имот таму, добро изграден, кој може да издржи земјотрес. Му го продадов станот на пријател и му кажав дека не треба да се плаши, дека станот е најбезбеден на светот, така и беше, вели Махмут.
Текстот објавен во Милиет може да го отворите ТУКА.