Блаже Миневски

Според службениот весник на градот, пред осумдесет и четири години во Скопје голем број граѓани чувале и хранеле свињи во дворовите, имале кучиња што не ги врзувале, па така само во текот на една година од општинските шинтери биле фатени 2 137 кучиња, а градот се уште врие од џукели што талкаат по улиците:

„Стоката пасе по сокаците и празните плацеви, живината се прпела во вирчињата на улиците и неоградените плацеви, стада овци поминуваат преку единствениот вистински мост и одат на испаша по периферијата на Скопје, свињите од станицата пешки ги тераат на кланица, сметот и пцовисаната живина се фрла на улица, на празните плацеви и во Вардар.

Додека во куќите и во дворовите може да се наиде на оаза од овошки, трендафили и цветни бавчи, пред куќите можат да се видат сандаци со ѓубре, бразди со валкана течност и јами за помии. Скопје е голем град, има околу 65 000 луѓе заедно со војската. Градот е голем и по површина, зафаќа преку 983 хектари според новиот регулационен план или на еден жител паѓаат по околу 140 квадратни метри. Сообраќајот во градот е речиси никаков, односно најраспространето средство за превоз се нозете. Во Америка, на пример, еден автомобил доаѓа на пет граѓани, а во Скопје – еден автомобил доаѓа на 700 лица, односно во градот има сé на сé 82 патнички и 14 товарни автомобили. Во Југославија еден автомобил, товарен или патнички, доаѓа на 1 200 жители, во Франција на 30, во Англија на 34 жители. Освен тоа, Скопје е карактеристично и по тоа што нигде на светот не се врши превоз на роба и стока на човечки грб, а тоа да биде регистрирано како превоз!  Во Управата на Скопската полиција регистрирани се 468 носачи, превозници на сопствен погон и нозе. Се разбира ги има и такви што не се  впишани во регистарот, односно вршат грбен превоз на диво. Значи, како што може да се види, скопјани најдобро се чувствуваат кога се движат или вршат превоз користејќи ги само своите сопствени нозе. А се движат како мравки – тивко  и упорно. Според полициската статистика, само во еден ден, во недела, кон Учителското училиште и паркот, кон игралиштата во паркот, поминуваат по околу 6 000 луѓе, 220  запрежни коли, фијакери и пајтони, и по околу 270 автомобили и велосипеди.“

Во гласникот објавен пред 80-тина години, меѓудругото, забележан е и податокот дека многу дуќани и живеалишта во Скопје се под површината на земјата, па некои работници, на пример, со денови на можат да видат сонце:

„Во Скопје има многу куќи кои останале во дупки, бидејќи калдрмата на улиците е подигната над прозорците на визбите. Кај муслиманските семејства тука и е ѕидот, па куќите доаѓаат како да се во бунар од кој може да се гледа само во небото. Во новиот дел на градот, или како што некои сакаат да кажат европско Скопје, во Буњаковец, ваквите куќи дополнително се заградени со повисоки згради, па луѓето што живеат во нив не знаат кога е ден а кога ноќ. Според тоа, еден дел од градот, ако не и половина, живее речиси под земја, како во населба на мртви, а не на живи суштества. Притоа, од улица, со неколку басамици, се слегува во делот за живеење како во земјанка. Сепак, еден дел од Скопје и скопјани сакаат да се над земја, па во секоја прилика користат можност да шетаат по градот или во паркот.“ Според полициска статистика, дневно, од левата на десната страна на градот, користејќи го само Камениот мост, поминувале по неколку илјади луѓе. Во работен  ден, кога работеле училиштата, од левата на десната страна на Вардар минувале по околу 22 000 лица, 1 100 запрежни коли и по околу 360 автомобили и велосипеди. Според записници на полицијата од август 1934 година, во еден ден, 10 730 лица  поминале од десната на левата, а 10.435 лица од левата на десната страна на Вардар.

Оваа разлика од 294 пешаци се должи на користењето на Железничката станица, па оние што поминале од левата на десната страна и се качиле на воз, истиот ден до 18 часот секако не можеле да се вратат назад. Во скопската Железничка станица пред осумдесет години, дневно, за 24 часа, влегувале и излегувале 24 патнички возови со кои  просечно доаѓале по околу 1 000 луѓе. Само од Скопје до Ханриево, денешно Горче Петров, секојдневно оделе и доаѓале 14 локални патнички возови.

Преку Камениот мост на 3 август 1934 година, на пример, поминале вкупно 10 272 пешаци, 652 запрежни коли и 374 автомобили и велосипеди. Според податоците на градската полициска управа, дневно преку сите три моста на Вардар во еден правец поминувале во просек по околу 16 000 пешаци, 900 пајтони, фијакери и запрежни коли,.480 автомобили и велосипеди, и по окопу 1 085 грла разновидна стока. Збирот на сите бројки ја покажува дневната комуникација на луѓето од двата дела на градот, а таа вели дека секој ден  речиси половина од населението било во движење од едната на другата страна на Вардар.“

Најмногу се умира од туберкулоза – најмалку од рак!?

Според статистиката на санитетската управа објавена во неделникот „Скопски гласник“, службен весник на градот, во последните три години пред 1934 година, во Скопје  имало  99 породувања со близнаци, а биле родени и три тројки. Најмногу деца се раѓале во зима, а најмалку во лето. Во тој период најголем број пациенти, 1 460, биле болни од туберкулоза, а најмалку од венерични болести, само 74 лица.

Во графата за рак го пишува следново:

„Ракот зема многу мал број жртви. Учествува само со 3,2 отсто, па речиси е занемарлив како фактор за смртност“.

Мал е процентот, само 8,7 отсто на смртни случаи предизвикани од болести на срцето и крвните садови, што е за трипати помалку од  болестите на органите за варење, на пример. Освен за болестите, во бројот од 1 септември 1934 година, на пример, на насловната страница пишува и за тоа колку и што се шверцува во Скопје:

„Од 1 јануари до 24 август оваа година фатени се 120 случаи на криумчарење на стока подложна на царинење. Во најголем број случаи, односно во 90 случаи, се кримучарело месо, во 23 случаи се криумчарело со друга роба, а фатени се во четири наврати и криумчари на ракија. Фатени се исто така во три случаи лица што отворале поштенски пакети во отсуство на надлежен орган. Сепак, крумчарењето на месо е најголем проблем на  органите на власта, а досегашните мерки не дадоа никакви резултати.“

Во продолжение на текстот се вели дека има касапници кои по неколкупати се фаќани во таа грда и штетна работа, но тие, и по казните, продолжуваат да работат по истиот принцип. Поради тоа општинските власти се принудени да бараат затворање на дуќаните во кои ќе се најде шверцувано месо. Друг начин да се спречи злото изгледа нема“, стои во информацијата објавена на првата страница.

Инаку, со оглед на тоа што во Скопје во тоа време не постои канализација, а бројот на куќи со јами за биолошко пречистување е многу мал, состојбата со отпадот од нужниците и помијарските јами е загрижувачка. Затоа, како што стои во информацијата, мора да му се посвети најголемо внимание на празнењето и изнесувањето на ваквите валкани течности од градот:

„Јавни нужници има осум, и сите се со примитивно уредување. Има многу бакалници па и угостителски објекти без свои нужници и помијарници. Од друга страна, нуждата често се врши и надвор од нужниците, па се загадуваат и одредени улици, сокаци, напуштени куќи, неоградени плацеви и дворови. Освен тоа и чистачите, понекогаш, и покрај наредбите, непрописно ги празнат бурињата со нужничка нечистотија во близина на градот, на празни плацеви, покрај патишта, па со тоа се зголемува загаденоста, нечистотијата и смрдеата. Иако постојат строги казни за тоа, многу од приватните чистачи воопшто не се придржуваат на прописите. Општина Скопје има посебен нужничарски отсек со три коли со коњска запрега со кубитура од 3 500 литри и со добри железни буриња. Годинава ќе се набави уште една моторна кола со автоматско полнење и празнење на бурињата. Инаку, само од општинските јавни нужници минатата година беа изнесени и фрлени 434 500 литра нечистотија. Од становите и дуќаните изнесени се помии и фекални течности во вкупен обем од  над 2 075 000 литри или близу 58 хектолитри. Според прописите, нужничарската и помијарската нечистотија треба да се исфрла во Вардар низводно од градот. Сепак, спас од големата загаденост, особено  спас од опасноста да се загадат сите води и бунари во Скопје, е изградабата на канализација за што проектот е веќе готов и чека финансиски средства за реализација“, пишува  во „Скопски гласник“, службен весник на Скопје од 1934 година.

Буџет на градот за 1934 година бил 19 милиони и двеста илјади динари!

Вкупниот буџет на градот, без приходите од електричните централи и водоводот, е 18 900 000 динари, кој, со приходите од околните села, би бил 19 200 000 динари. За споредба, истата таа година килограм црн леб се продавал за 3 а бел за 3,5 динари. Ваквиот буџет е помал од буџетот во претходната година за околу 1 500 000 динари, иако најголем дел од градовите со ист број на жители имаат два до трипати поголем буџет од буџетот на Скопје. Притоа, од буџетот што е утврден, за секторот народно здравје, на пример, во кој спаѓаат санитетската управа, хигиенскиот отсек, отсекот за лечење, но и издржувањето на основните училишта, потоа отсекот за  социјална грижа и културните установи во градот, предвидени се  3 400 000 динари, плус околу 260 000 динари за  финансирање на селските училишта.

За одржување на Градскиот парк и Зоолошката градина биле  предвидени 270 000 динари, за возниот парк на општината 400 000 динари, за развој на туризмот, и поддршка на  занаетчиските стручни  училишта од таа област, 260  000 динари, итн.

Според тогашниот прв човек на Скопје, Јосиф Михаиловиќ, тешко е да се биде градоначалник на сиромашен град, затоа што средствата секогаш се скромни а потребите големи.

Во Германија ќе извезуваме тутун, афион и опиум!

Во бројот од јануари 1933, по повод претстојните преговори за потпишување на новиот трговски договор меѓу кралството Југославија и Германија, објавен е текст за тоа што Македонија може да понуди за извоз  во Германија. Според текстот, битно е да се обезбеди извоз на што поголема квота тутун, кој Германија го увезува во многу големи количини, а во  Македонија капацитетот за производство на оваа култура сега се користи само околу 25-30 проценти. Втор производ би требало да биде семето од афион и  опиумот. За нив треба да се обезбедат повластени ставки. Исто така треба да се обезбеди и  многу поголем извоз на јаболки.