Вкупните кредити, во февруари, се зголемија за 0,9% споредено со минатиот месец, поради повисоките кредити на двата сектора, со поголем придонес на корпоративниот сектор. На годишна основа, вкупните кредити бележат раст од 6,5% којшто произлегува од зголеменото кредитирање на двата сектора, со поизразен придонес на секторот „домаќинства“, информираат денеска од Народната банка.

Според податоците на банката, анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, во февруари, потрошувачките кредити, како најзастапена категорија, бележат месечно и годишно зголемување од 0,7 и 6,3%.

Овој месец, станбените кредити остварија месечен и годишен раст од 0,6% и 10,3%. Автомобилските кредити, во февруари се намалија за 2,1% на месечна основа, при годишен раст од 10,6 %, додека кредитите одобрени на кредитни картички се пониски за 1,8% на месечно ниво и 5,7% на годишно ниво, соодветно. Во февруари, кај негативните салда на тековните сметки е забележан месечен пад од 0,4%, додека на годишна основа растат за 4,2%. Кредитите одобрени врз други основи остварија месечно и годишно намалување од 2,3% односно 21,5%, соопшти Народната банка.

Според НБ, во февруари, вкупните депозити бележат месечно зголемување од 0,3%, што, како што велат, во целост се објаснува со растот на депозитите на секторот „домаќинства“, а депозитите на корпоративниот сектор се намалени. Анализирано на годишно ниво, вкупните депозити забележале раст од 9,3%, поради повисоките депозити на двата сектора, со поголем придонес на депозитите на секторот „домаќинства“.

Вкупните депозити на корпоративниот сектор, во февруари бележат месечен пад од 2,6%. Падот, во најголем дел се објаснува со намалените депозитни пари, а во помал дел и на краткорочните депозити, додека долгорочните депозити остварија раст. Во споредба со февруари претходната година, кај депозитите на корпоративниот сектор е забележан раст од 12,3%, во поголем дел поради повисоките депозитни пари и краткорочните депозити во странска валута, при дополнително позитивно влијание и на останатите компоненти. Во февруари, кредитите на корпоративниот сектор остварија месечно и годишно зголемување од 1,4% и 5,9%, во целост поради зголеменото кредитирање во денари, во услови на минимален пад на кредитите во странска валута, велат од НБ.

Вкупните депозити на домаќинствата, во февруари, се зголемени за 1,7% во однос на претходниот месец.

Месечното зголемување во поголем дел е одраз на растот на депозитните пари и долгорочните депозити, при помал раст и на краткорочните депозити во денари, додека краткорочните депозити во странска валута се намалија. На годишна основа, растот изнесува 8,6% и е резултат на зголемените долгорочни депозити и депозитните пари, додека краткорочните депозити остварија пад, велат од Банката.

Во февруари, кредитите на домаќинствата, бележат раст од 0,6% споредено на месечно ниво, којшто во поголем дел се должи на зголемените кредити во денари, при раст и на кредитите во странска валута. Годишното зголемување од 7,2% на кредитите на домаќинствата произлегува од повисокото кредитирање во денари и во странска валута, со поизразен придонес на кредитите во странска валута, нагласуваат од Народната банка.

Од податоците со кои располагаат во Народната банка, паричната маса (монетарниот агрегат М31,2), во февруари 2024 година, остварил раст од 0,1% на месечна основа, како резултат на зголемувањето на долгорочните депозити до две години и готовите пари во оптек, во услови на забележан пад на депозитните пари, а во помала мера и на краткорочните депозити. Годишниот раст на паричната маса изнесува 6,5% и пред сè, како што велат, произлегува од повисоките депозитни пари, при помал позитивен придонес и на останатите компоненти.