Условите за живот на бегалците и мигрантите, одредувањето на нивниот статус, пренатрупаноста на камповите и децата бегалци без придружба, биле темите кои високиот комесар за бегалци на ОН, Филипо Гранди ги покренал на средбите со претставниците на грчката Влада за време на неговата дводневна посета на Грција, како што самиот истакна на прес конференција кусо пред да си замине од Атина.

Гранди рече дека патувањето во грчката престолнина, но и островот Лезбос е од две причини и да се запознае и да разговара со новата влада, но и поради зголемениот број пристигнувања на бегалци и мигранти на грчките острови, јави дописничката на МИА од Атина.

-Бев на Лезбос и иако бројот на пристигнувања се помали за разлика од пред четири години, за време на мојата тогашна посета, условите во кои живеат луѓето се екстремно загрижувачки, непостоечки пристап до основни служби, ситуации на тензии кои често резултираат со насилство, насилство меѓу мигрантите, меѓу заедниците, а насилство врз жените и децата, а особено и високиот број на деца без придружба, рече Гранди.

Високиот комесар за бегалци на ОН, посебно се осврна на децата бегалци без придружба, за кои, како што рече, се околу 5.000 во цела Грција, а само во кампот Мориа на Лезбос има 1.200 и истакна дека ситуацијата е алармантна, бидејќи овие деца често се изложени на насилство.

Во однос на новите мерки што ќе ги преземе грчката Влада со изградба на затворени центри на островите со помал капацитет, Гранди рече дека не смее во никој случај тие да се претворат во притвори за барателите на азил, бидејќи „барањето азил не е криминал“.

-Се отвори голема дискусија за ова, бидејќи владата го користи изразот „затворени места“, но да не бидат притвор, затоа јасно ѝ кажав на владата дека политиката на УНХЦР не само во Грција, туку секаде е против притворување на барателите на азил. Барањето азил не е криминал, па така луѓето не треба да бидат притворени. Секако владата има легитимно право да воспостави контрола врз луѓето. Контролата не е притворање. Ако контролата е притвор, тогаш не се согласуваме. Ако контролата значи подобра регистрација, подобра дисциплина на која овие центри ќе се водат, тогаш секако е позитивно, рече Гранди.

Високиот комесар за бегалци на ОН, за време на дводневната посета на Грција се сретна со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, со шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас, како и со надлежниот за миграциска политика, Јоргос Кумуцакос, а учествуваше и на седница на две комисии во грчкиот Парламент.