Со 136 гласа „за“ и 157 „против“ грчкиот Парламент, како и што се очекуваше, доцна синоќа го отфрли предлогот за недоверба на Владата доставен од четирите опозициски партии поради железничката несреќа кај Темпи, а во исто време со гласањето пред Парламентот се одржа протест што заврши со инциденти меѓу маскирани лица и полицијата, јави дописничката на МИА од Атина.
Предлогот на ПАСОК, СИРИЗА, Нова левица и Курс на слобода, потпишан од 85 пратеници, што се фокусира на железничката несреќа кај Темпи и безбедноста на транспортот, но и на владеењето на правото, скандалот со прислушувањата и поскапувањата на цените, не го доби потребното парламентарно мнозинство и не создаде проблеми за владиното мнозинство од Нова демократија.
Од 300 пратеници во Парламентот, за да помине предлогот, потребно беше да биде изгласан со најмалку 151 глас.
На гласањето му претходеше тридневна расправа, која кулминираше со говори на лидерите на сите политички партии, како и на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.
Како што соопшти претседателот на Парламентот Никитас Какламанис, тридневната расправа траеше над 42 часа, а се обратија 172 говорници, меѓу кои пратеници, министри и сите лидери на партиите.
Паралелно со расправата, се одржаа и низа протести, како во Атина, така и во други грчки градови, а граѓаните уште еднаш порачаа дека бараат правда за железничката несреќа и виновниците да бидат казнети.
Во Атина и Солун, по завршувањето на официјалниот дел од протестите, имаше инциденти меѓу групи маскирани лица и полицијата.
Пред грчкиот Парламент маскирани лица ги нападнаа полицајците со молотови коктели и разни предмети, а беше приведено 61 лице.
Железничката несреќа кај Темпи се случи на 28 февруари 2023 година во директен судир на патнички и товарен воз, при што загинаа 57 лица.
Фото: МИА