Премиерот Зоран Заев поради владини обврски, како што соопштуваат од Организациониот одбор, нема да присуствува на грчкиот фестивал „Преспес 2019“, што започнува утре, јави МИА од Атина.
Поканата до Заев, усно бил упатена од уметничкиот директор на фестивалот, Јоргос Лианис.
– Пред еден месец за време на посетата на Скопје, уметничкиот директор на нашата организација господинот Лианис усно го покани премиерот на С. Македонија да присуствува на годинашните настани во Преспа. Господинот Заев љубезно ја прифати поканата велејќи дека „би било убаво сите заедно да бидеме таму“. Вчера попладне од кабинетот на премиерот на соседната земја, бевме известени дека господинот Заев нема да може да присуствува на настаните поради владини обврски, соопштуваат од Организацијата на културни настани во Преспа.
Фестивалот, по 30-ти пат, ќе се одржи од 22 до 26 август во три општини во поширокиот регион на Преспа, а организаторите велат дека како и секогаш, така и сега ги поканиле сите и Владата и опозицијата и останатите партии за да се задржат правилата на фестивалот, односно „збратимување и обединетост за мир“.
– Со задоволство сакаме на настаните да бидат и премиерот и министрите, како и лидерите и членовите на сите партии. Секој оној кој размисли поинаку, јасно го користи како изговор тоа дали ќе дојде или не господинот Заев и во суштина се обидува да го саботира големото достигнување на Преспа. Овој фестивал не е партиски, туку е обединувачки и како што сите сметаат, национален. Ова се случува веќе 30 години, пишува во соопштението од организациониот одбор.
Според грчкиот информативен портал „Њуз247“, на јубилејното 30-то издание на фестивалот „Преспес“ планирано било заедно со премиерот Заев да присуствува и поранешниот грчки премиер и лидер на СИРИЗА, Алексис Ципрас, но откако Заев информирал дека нема да присуствува, истото го сторил и Ципрас.
За важноста на областа Преспа во Грција, како во изминатите години така и сега, не само од уметнички, туку и од политички аспект, говореше уметничкиот директор на фестивалот „Преспес 2019“, Јоргос Лианис на одржаната прес конференција на почетокот на месецов.
Лианис рече дека пред сѐ е фестивал што се одржува во многу чувствителна област, Грција, Северна Македонија, Албанија и нивната намера била да станат „мал светилник на културата“.
Уметничкиот директор на фестивалот, Јоргос Лианис е новинар, поранешен заменик министер за спорт во владите на ПАСОК во периодот 1993-1996 и 2002-2004 и поранешен пратеник од истата партија (од 1989 до 2011).
Лианис минатиот месец направи интервју со премиерот Заев, кое беше објавено на грчката телевизија „Алфа“, во два дела во централните изданија на вестите, а како што објасни и самиот новинар, било снимено три дена пред изборите во Грција на 7 јули.