Турските власти дале усна дозвола до Вселенската Патријаршија за одржување Свечена литургија во историскиот манастир Пресвета Богородица Сумела, на 15 август, а во текот на следните денови дозволата ќе биде испратена и писмено, објавија грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.
Повикувајќи се на извори од Патријаршијата, медиумите пишуваат дека Министерството за внатрешни работи на Турција ја променило одлуката и сепак решило да даде дозвола за одржување на литургијата за празникот Успение на Богородица.
Во четвртокот од Вселенската Патријаршија соопштија дека оваа година не ја добиле потребната дозвола од надлежните турски власти и нема да се изврши Божествена Литургија за 15 август во историскиот манастир на Пресвета Богородица Сумела.
Следуваше и реакција од Атина, кога дипломатски извори коментираа дека е непријатна разврска, но и дека манастирот, кој е кандидат за прогласување на светско наследство на УНЕСКО „мора да добие максимална можна заштита и да биде целосно достапен за сите“.