Вкупно 14 пратеници од грчката опозициска партија Нова демократија, преку пратеничко прашање бараат одговор од министерот за транспорт на Грција за, како што велат, честите слетувања на владини авиони од Венецуела на грчките аеродроми, јави МИА од Атина.
Повикувајќи се на написи во медиумите, пратениците пишуваат дека авион во сопственост на државната нафтена компанија на Венецуела PDVSA, што го користи Владата, на 13 февруари 2019 слетал на аеродромот во градот Ираклио на грчкиот остров Крит, а на 10 ноември 2018 истиот авион пристигнал на аеродромот во Кавала.
-Освен овие два конкретни случаи, владините авиони на Мадуро, според натписите во медиумите, слетале во 2018 и на аеродромот во Атина и на други аеродроми во земјата, без да постои било какво официјално известување, пишуваат пратениците од Нова демократија.
Тие бараат министерот за транспорт на Грција, Христос Спирѕис, да одговори „колку пати и кога точно во 2018 па до денес на грчките аеродроми слетале владини авиони од Венецуела и која била целата на овие слетувања“, но бараат за слетувањата во ноември минатата година и во февруари годинава да бидат доставени разговорите меѓу контролорите на летање со пилотот на авионот.
Во дописот, пратениците истакнуваат дека се уште не добиле одговор на нивното претходно пратеничко прашање испратени до Спирѕис за слетувањето на венецуелскиот авион во Атина.