Инструментализација на мигрантите, несреќа во воздух, инцидент поради рибарите во Егејско Море, блокада на грчките острови од турските сили и испраќање бродови за истражување, се сценаријата што Грција ги разгледува за евентуална ескалација на тензиите и провокациите од Турција, пишува денеска грчкиот весник „Та неа“.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, според весникот, Атина разгледува три плус два сценарија за инцидент на терен односно веројатноста турската реторика да се прелее во пракса.
Првото сценарио е инцидент поврзан со мигрантското прашање или на Еврос или на островите во Егејско Море односно како што пишува весникот, нова инструментализијација на бегалците и мигрантите од Турција, со оглед на тоа дека турскиот претседател од говорницата на ОН ја обвини Грција за криминал врз човештвото.
Несреќа во воздух е второто сценарио, поради ескалацијата на турските прелети над Егејско Море и прекршувањата на грчкиот воздушен простор од воени авиони на Турција, нешто што според воени извори за весникот, може да доведе до „несреќа“.
Рибарите во Егејско Море и нивното вознемирување во минатото од турската крајбрежна служба, според „Та неа“ би можело исто така да биде причина за инцидент меѓу двете земји, а како радикално, весникот го коментира сценариото за блокада на грчките острови од турските сили, поради тврдењето на Анкара за милитаризација на островите.
Последното сценарио е турските бродови за дупчење одново да излезат во морските делови што припаѓаат на грчката или кипарската ексклузивна економска зона.
Овие сценарија, како што пишува „Та неа“, постојано ја држат Атина во готовност, паралелно изразувајќи и смиреност за турската реторика.