Сложено име за севкупна употреба, а со тоа и промена на уставното име се предуслови за наша поддршка за соседот во НАТО и ЕУ, велат грчки владини извори, демантирајќи ги информациите објавени во денешото издание на весникот „Естиа“ под наслов „ПЈРМ слободно во НАТО со клаузула за меѓународна оговорност, јави дописничката на МИА од Атина.
– Денешната влада преговара за името на ПЈРМ со единствен критерум, националниот интерес и со поставени два јасни услови за да ја обезбеди националната линија. Сложено име и севкупна употреба. Тоа значи промена на уставното име на соседот како предуслов за наша поддршка во ЕУ и НАТО. Според тоа, она што е наведено како толкување во денешниот текст во весникот „Естиа“, не одговара на реалноста, велат грчки владини извори.
Весникот „Естиа“, пишува дека меѓународниот договор што ќе го потпишат двете страни нема да води до решение во однос на ерга омнес, а ќе содржи клаузула за меѓународна одговорност, односно санкции, нешто што би било гаранција за грчката влада.
– Клаузула што може по неколку години да доведе до поништување на грчко-скопскиот меѓународен договор, но не и отповикување на интеграцијата на Скопје во меѓународните организации, пишува весникот и повикувајќи се на врвни експерти, додава дека „ако Скопје се интегрира во НАТО, но го прекрши договорот и не го промени уставното име во внатрешноста, ќе биде подложено на санкции (меѓународна одговорност), но нема да има влијание на позицијата во ЕУ и НАТО, па дури и да има претпристапен статус“.
Воздржан оптимизам за можноста за решение во пресрет на средбата на премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас во Софија, изразува грчкиот алтернативен министер за надворешн работи, Јоргос Катругалос во интервју за грчкото радио „Реал фм“.
– Направена е систематска работа, прашањата се стигнати до нивното јадро и сега е време да се разговараат на највисоко ниво. Имаме водржан оптимизам дека може да имаме договор, вели Катругалос и ги демантира информациите објавени во медиумите во Грција во текот на викендот, за одреден временски рок и преоден период за имплементација на договорот.
Тој вели дека договорот нема да наликува на Времената спогодба, ќе биде комплетен и нема да остава „опашки“, затоа што во спротивно нема да биде согласно со поставенте грчки предуслови.
– Може да има временски период за прашањата што не можат да се решат во моментот на потпишувањето, но во никој случај нема да биде Времена спогодба како претходно, објаснува Катругалос во интервјуто за грчкото радио.
Во однос на информациите за зголемено парламентарно мнозинство од 180 пратеници, Катругалос вели дека Уставот такво нешто предвидува само кога станува збор за отстапување на националниот суверенитет, а во конкретниот случај не постои такво нешто.
Нова демократија не се согласува со тоа што владата, според написите во медиумте, однапред дава зелено светло за датум за отпочнување пристапни преговори со ЕУ и интеграција во НАТО и на рати да го добие прилагодувањето на полето на ерга омнес, вели портпаролката на најголемата грчка опозициска партија, во интервју за радиото „Реал фм“.
– Нова демократија како предуслов за разговор за изнаоѓање заеднички јазик за името, предложи промена на Уставот, како за отстранување на иредентистичките наводи, така и за прифаќање на името што ќе биде договорено. Ние сме на различна бранова должина. Останува да го видиме договорот, но, сепак, од објавените информации до сега, се чини, дека грчката влада, Грција, однапред го предава оружјето, односно ќе и овозможи на ПЈРМ да добие датум, да почне преговори за интеграција во ЕУ и да даде зелено светло за влез во НАТО и очекува, на рати да го добие прилагодувањето (за ерга омнес), непознато дали тоа ќе се случи, вели Марија Спираки во интервјуто за радиото.
Портпаролката на Нова демократија, уште еднаш го повтори ставот на партијата дека грчкиот премиер и шефот на грчката дипломатија „преговараат како претставници на СИРИЗА, Ципрас преговара со Заев како лидер на СИРИЗА, бидејќи коалицискиот партнер во владата Независни Грци има спротивен став.
– Тоа го укажавме уште од почеток и од почеток и укажавме на владата дека нема мандат да преговара како мнозинство. Но, сепак, владата го стори тоа, ги надгради преговорите на ниво на министри, а сега ќе има средба, нова средба на премиерите на маргините на самитот во Софија, рече портпаролката на Нова демократија.