ГРЧКО МНР: Во Грција од синоќа без бел лист и со придавката граѓани на Северна Македонија

/ 21.02.2019

Од 12 февруари официјалната употреба на името на северниот сосед е „Република Северна Македонија“, краткото име „Северна Македонија“, а придавките за државата и органите ќе биде „влада/министер на Република Северна Македонија или Северна Македонија“.

Ова го пишува во информативниот циркулар од грчкото МНР испратен до јавните служби со упатства и насоки за употребата на термините и правилно имплементирање на Договорот од Преспа, објави грчката новинска агенција АНА-МПА.

Како што јавува МИА од Атина, грчкото МНР потенцира дека новото име важи за сите употреби, за сите цели и во сите меѓународни и регионални организации, институции и форуми, но и во билатералната службена пошта. Во спротивно, доколку нема придржување до правилната употреба на името и термините, службената пошта, нема да биде примена и ќе се враќа назад до испраќачот.

Во однос на документите, во циркуларот се објаснува дека новото име ќе фигурира во сите документи издадени по 12 февруари, а за време на преодниот период до издавањето на новите патни исправи, при влезот и излезот од земјата ќе се става печат според кој ќе се објаснува дека потекнуваат од Република Северна Македонија. За конкретната тема поврзана со патните документи, според АНА-МПА, надлежните грчки власти ќе дадат посебни упатства. Паралелно престанува да важи „Меморандумот за практични мерки“ од Времената спогодба според кој на документите со старото уставно име грчките власти ставаа печат „од Грција е призната како ПЈРМ“.

За употребата на придавките за државата, владата, министрите и сл, во циркуларот, грчкото МНР објаснува дека правилно е да се користи: „Влада на Република Северна Македонија“ или „Влада на Северна Македонија“, „Министерот за надворешни работи на Северна Македонија“, а не „македонска влада“ или „македонски министер“ и ова важи и за сите приватни субјекти финансирани од државата.

За државјанството, правилната употреба е „македонско/граѓанин на Република Северна Македонија“, додека пак за регистарските таблички кратенката ќе биде НМ или НМК, а за останатите кодови за земјата остануваат кратенките МК и МКД.

За учество на грчки делегации на меѓународни средби за соседната земја потребна е официјална употреба на термините што произлегуваат од Договорот од Преспа, односно за претставниците од соседната земја треба да бидат заведени под термините „претставник/ функционер/ министер/ амбасадор на Република Северна Македонија“.

Во циркуларот, Министерството за надворешни работи на Грција, потенцира дека грчките делегации треба да бидат внимателни и веднаш да реагираат доколку забележат погрешна употреба од трета земја или организатор или дека нема правилна употреба на името и терминологијата согласно договорот.

Во спротивно, според циркуларот, како што објави АНА-МПА, „секоја грчка делегација што учествува на меѓународна средба не треба да потпише или да одобри текстови кога во нив има погрешно споменување на името и на терминологијата врз основа на договорот“.

Минатата седмица, грчки дипломатски извори за МИА најавија дека Министерството за надворешни работи на Грција, во следните денови ќе испрати циркулар до јавната администрација со кој ќе ги информира за промената на името во Северна Македонија.

Белите ливчиња на кои до вчера грчките гранични полицајци ни ставаа печати за влез во нивната земја, од синоќа на полноќ заминаа во историја.

Официјално од полноќ при влез во Грција нашите граѓани македонско-грчката граница ја минуваат само со пасоши на кои на излез од земјава нашите гранични полицајци им ставаат печат на кој на македонски, англиски и француски јазик пишува дека патната исправа е во сопственост на Република Северна Македонија, а грчките полицајци за прв пат печати ставаат во пасошите.

Новите правила од Преспанскиот договор грчките погранични служби почнаа да ги применуваат по една недела откако на граничниот премин Богородица беше поставена таблата со новото уставно име на нашата земја.

Според најавите, лични карти и патни исправи со новото уставно име на земјава,ќе почнат да се издаваат кон крајот на годинава.


Од истата категорија