Еден од шесттемина потпретседатели на грчкиот Парламент и пратеник од Комунистичката партија, Јоргос Лабрулис, и пратеникот од Нова демократија, Христос Келас, кои по професија се лекари, соопштија дека му стојат на располагање на здравствениот систем за да помогнат во битката со пандемијата, јави дописничката на МИА од Атина.

Лабрулис во допис до претседателот на парламентот вели дека како лекар-пулмолог, местото во овој момент му е заедно со неговите колеги, лекарите и болничарите и бара привремено да биде ослободен од должностите како еден од потпретседателите, за да може да се приклучи во некоја од болниците во Лариса, онаму каде што работел, пред да биде избран за пратеник.

-Чувствувам дека морам да направам нешто повеќе и да придонесам во својство на лекар-пулмолог, бидејќи во оваа фаза верувам дека пред се приоритет има практичниот придонес за заштита на човечкиот живот. Сметам дека местото ми е заедно со колегите доктори и болничари кои се борат во неповолни услови за лекување на луѓето во државните здравствени центри во Лариса, пишува пратеникот и шестиот потпретседател на парламентот во неговиот допис.

Воедно, упати апел до пратениците кои по професија се лекари, да го сторат истото.

Пратеникот од Нова демократија, Христос Келас, соопшти дека како лекар- анестезиолог се става во служба на здравствениот систем и се откажува од било каков надомест.

-Во оваа војна, никој не е вишок, вели Келас.

Од лекарската комора на Атина, соопштија дека 20 приватни лекари, веќе одговориле позитивно на апелот од Министерството за здравство на Грција, да се вклучат во битката со пандемијата во некоја од грчките државни болници.