Едно лице, веројатно навивач на АЕК, беше убиено во инцидентите во Атина што доцна синоќа ги предизвикаа навивачите на Динамо Загреб во пресрет на денешниот натпревар на грчкиот и хрватскиот фудбалски тим, а повредени се осум и уапсени над 90 лица, јави дописничката на МИА од Атина.

Според неофицијалните информации, група од околу 150-200 навивачи на Динамо Загреб и покрај забраната за присуство на навивачи на гостинскиот тим на натпреварот, сепак со автомобили и автобуси дошле во Атина и кусо пред полноќ стигнале до стадионот на АЕК, кој бил затворен и предизвикале сериозни инциденти.

Грчките медиуми пишуваат дека навивачите на хрватскиот тим ги нападнале навивачите на АЕК, но и обични граѓани кои биле во кафулињата во близина на стадионот во атинската населба Неа филаделфија, при што 22-годишно момче, било избодено со нож од хрватските хулигани и им подлегнал на повредите.

Полицијата, неофицијално уапсила 96 лица, меѓу кои осум, петмина Хрвати и тројца Грци се повредени и пренесени во болница.

.Од уапсените, според истите информации 82 се Хрвати.

Засега во Грција не постои официјално соопштение за инцидентите.