Осуда на рускиот напад врз Украина и повик Русија да ги прекине воените дејствија изрази Министерството за надворешни работи на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Од грчкото МНР соопштија дека „Грција недвосмислено го осудува денешниот руски напад врз Украина, што е јасно прекршување на меѓународното право и светските вредности“, а исто така, „ги поткопува европскиот мир и безбедност“.
– Ја повикуваме руската страна веднаш да ги прекине воените дејствија, кои покрај другите сериозни последици, ги ставаат во опасност животите на цивилите, вклучително и грчката заедница која живее во Украина. Изразуваме солидарност за Украина, соопштуваат од грчкото МНР.
Потсетија дека за Грција, основен принцип е „заштитата на територијалниот интегритет, суверенитет и независност на сите држави“ и го осудуваат секое кршење на овие основни принципи предвидени во Повелбата на Обединетите нации.
– Се наоѓаме во континуирана координација со нашите европски партнери и нашите НАТО сојузници во однос на одговорот на прекршувањето на меѓународното право, пишува во соопштението од МНР.
Како што претходно објави МИА, министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас, поради ситуацијата во Украина, ја прекина посетата на Африка и наместо во Зелениот ‘рт, вонредно се враќа во Грција.
Воебото воздухопловство на Грција, како што е познато, се грижи за безбедноста на воздушниот простор над Република Македонија.