Бруто домашниот производ на Грција бележи зголемување од 16,2 отсто во вториот квартал од годинава споредено со истиот период лани и раст од 3,4 проценти во споредба со првиот квартал од 2021 година, согласно привремените податоци објавени од грчката служба за статистика, јави дописничката на МИА од Атина.
Министерот за финансии на Грција Христос Стајкурас рече дека за првата половина од 2021 година стапката на раст сега е околу 7 отсто, а со тоа се потврдува „силното закрепнување на грчката економија, закрепнување кое е посилно од првичните предвидувања“.
-Овие податоци во комбинација со позитивниот тек на сите компоненти на домашната побарувачка, односно приватната и јавната потрошувачка, а особено на инвестициите, нето извозот, но и континуираниот нагорен тренд на водечките индикатори, како што се економската клима, индустриското производство, преработката, градежните активност, туристичките пристигнувања, покажуваат дека текот на БДП, во текот на целата година, ќе биде подобар од проценките направени во Среднорочната рамка за фискална стратегија, рече Стајкурас.
Додаде дека се чини дека економијата и актуелната економска политика стабилно ја задржуваат „својата стратешка ориентација, за брзо закрепнување на загубеното поради пандемијата“.