Турција уште еднаш ја искривува реалноста во Тракија. Во најмала рака е оксиморон за земја со доста слаби резултати во прашањата за човековите права да ја обвинува Грција за кршење на правата на муслиманското малцинство во Тракија, соопштија од грчкото МНР, јави дописничката на МИА од Атина.

Во соопштението за прашањата поврзани со муслиманското малцинство во Тракија, посочија дека Грција, како модерна европска демократија, води кохерентна малцинска политика која ја промовира благосостојбата на малцинството.

Додадоа дека муслиманското малцинство во Грција брои 120.000 членови, исто толку како и во периодот кога беше потпишан Лозанскиот договор и се осврнаа на грчкото малцинство во Турција за кое велат дека од 130.000, сега е намалено на 3.000.

Паралелно од грчкото МНР се повикаа на изјавата на ЕУ, во рамките на 77. Генерално собрание на ОН, за минатите дискриминаторски политики спроведени од Турција, што резултираше со тоа што грчкото малцинство во Турција денес е на работ на истребување.

– Ја повикуваме Турција, наместо да држи лекции за човекови права, да си среди дома и да спроведе политики што ќе му дадат нов живот и динамика на грчкото малцинство таму, соопштија од Министерството за надворешни работи на Грција.

Соопштението доаѓа како одговор до турскиот МНР Мевлут Чавушоглу, кој по средбата со Советодавниот одбор на турското малцинство во западна Тракија, на Твитер напиша дека „Грција упорно продолжува да го прекршува Лозанскиот договор и основните права на турското малцинство“.

Паралелно објави листа со „дискриминаторски практики на Грција против турското малцинство во западна Тракија“.