Новоименуваната амбасадорка на земјава во Грција, Лидија Бошковска, денеска ќе ѝ ги предаде акредитивните писма на грчката претседателка Катерина Сакеларопулу, јави дописничката на МИА од Атина.

Во претседателската палата во Атина, заедно со Бошковска, акредитивите ќе ги предадат и амбасадорите во Грција на Ирак, Филипини, Јужна Кореја и Нигерија.

Бошковска е првата амбасадорка на  Македонија во Грција, по подигнувањето на нивото на дипломатските односи меѓу двете земји по Договорот од Преспа, откако Канцеларијата за врски во Атина стана Амбасада.

Воедно, таа е и првата жена амбасадор на Македонија што акредитивите ќе ѝ ги предаде на првата жена претседателка на Грција.

Министерствата за надворешни работи на Македонија и Грција пред две години разменија ноти, со кои, согласно Договорот од Преспа, се подигна нивото на Канцелариите за врски во Скопје и Атина на ниво на амбасади.

Паралелно нашата Канцеларија за конзуларни, економски и трговски работи во Солун се подигна на ниво на Генерален конзулат, а истовремено грчката Канцеларија за конзуларни, економски и трговски работи во Битола на ниво на Генерален конзулат.