Намален број нови пристигнувања, намален број бегалци и мигранти кои престојуваат во прифатните центри, како и двојно зголемен број депортации се регистрирани во првите пет месеци од 2021 година во споредба со истиот период лани, согласно официјалните податоци од Министерството за миграција и азил на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Од почетокот на годинава, заклучно со 31 мај, 4.951 лице заминало од Грција, или кон Европа или преку механизмот за принудна депортација на државјани на трети земји, а на островите во Егејското море и преку Еврос пристигнале 68 отсто помалку бегалци и мигранти споредбено со лани.
За 71 отсто е намален и бројот на лица сместени во прифатните центри на грчките острови, а за 42 проценти во цела Грција.
Во мај 2020 година, вкупно 92.463 баратели на азил престојувале во сите бегалски кампови во земјата, додека пак сега живеат 53.705 лица.
Министерот за миграција и азил на Грција Нотис Митаракис вели дека по големото намалување на мигрантските бранови, „важно поглавје од Националната стратегија за имиграција 2020-2021 година се депортациите и враќањата“.
-Во последните 12 месеци, во Грција, повеќе граѓани на трети земји заминуваат отколку што пристигнуваат, додека во првите пет месеци од 2021 година заминувањата на граѓаните од трети земји се двојно повеќе од пристигнувањата. За одржување на позитивен биланс потребно е целосно спроведување на Заедничката изјава ЕУ- Турција, која ја обврзува соседната земја да прифати враќање на оние кои немаат право на меѓународна заштита. Грција ќе продолжи да води строга, но праведна миграциска политика. Политика што ги штити европските граници, го почитува меѓународното и евdропското право, ги штити човековите права, а истовремено има видливи позитивни резултати за грчките граѓани, рече Митаракис.