Грција останува топ дестинација за летување за македонските граѓани. Најголем дел од нив ќе одмараат во туристичките места во соседна Грција, иако годинава аранжманите се поскапи за разлика од лани, а воведена е и туристичка такса којашто се движи од 0,5 до четири евра во зависност од сместувањето.
Туристичките агенции велат дека има интерес и покрај тоа што цените се зголемени за околу 30 проценти и оти плаќањето на туристичката такса не претставува никаков проблем.
– Има интерес како и претходните години, а туристичката такса не претставува никаков проблем бидејќи цената е симболична. Аранжманите се поскапени и тоа го забележуваат туристите. Тоа не го диктираат агенциите, туку закупците од Грција. Преголема е конкуренцијата од српски и македонски агенции и нормално е да се зголемуваат цените. Но колку и да се поскапи цените, тоа не влијае врз нашите туристи и од година во година е се поголем бројот на патници кои патуваат во Грција, посочуваат од туристичките агенции.
Најмногу се бара сместување за првиот и вториот крак, но во последно време станува актуелен и третиот крак.
Во екот на летната сезона од средината на јули до средината на август цените за изнајмување студио за седум дена се движат од 300 до 500 евра, додека сместувањето во хотел со три ѕвездички чини минимум од 300 до околу 400 евра по лице на база полупансион што значи дека едно четиричлено семејство треба да одвои околу 1.600 евра за седумдневен одмор со појадок и вечера.
Од туристичките агенции кои во своите летни понуди имаат аранжмани за Турција истакнуваат дека има голем интерес и за туристичките места во ова држава, иако и таму цените се повисоки за разлика од лани.
Одмор во солиден хотел со all inclusive понуда за седум дена во Турција во просек чини околу 400 евра со авионски превоз и сите дополнителни трошоци.