Министерот за одбрана на Грција, Панос Каменос, изјави во средата дека земјата влегува во „нова ера“ и оти наскоро ќе ги прошират територијалните води.
Претходните денови додека се водеа преговорите за името на Македонија, се водеа и преговори за поморската граница меѓу Грција и Албанија.
Според Каменос, Грција се трансформирала во земја која произведува гас, а наскоро, најверојатно, и нафта.
„Се наоѓаме во важен момент во историјата на нацијата. Наскоро ќе ги прошириме територијалните води, ќе признаеме екслузивни економски зони и ќе го искористуваме подводното богатство. Излегуваме од економската криза, а во исто време Грција станува производител на гас, а наскоро и на нафта. Ова е поради фактот што армиските сили се цврсти, иако бележеа загуби“, изјави Каменос, кого го цитира порталот „Албаниа дејли њуз“.
Порталот додава дека иако Каменос не кажал кои се тоа територии, познато е дека Грција разговара со Албанија токму за поморската граница и поморските прашања, во кои се и економските зони. Исто така во тој дел на морето Албанија има одредени наоѓалишта, а последните години се драстично зголемени истражувањата под морското дно на двете страни од границата.