На шест дена пред парламентарните избори, оваа седмица се очекува да кулминира предизборната клима во Грција, а лидерите на политичките партии веќе ги закажуваат нивните централни митинзи во Атина, но и во Солун.
Грчкиот премиер и лидер на СИРИЗА, Алексис Ципрас, предизборната кампања ќе ја заврши со централен митинг на плоштадот Синтагма во Атина, додека, пак, лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, во грчката престолнина ќе одржи собир в четврток, а на последниот ден од кампањата, в петок, ќе биде во Солун, јави МИА од Атина.
Планирано е во следните денови, во Атина, митинзи да одржат и претседателите на другите грчки политички партии.
Во предизборните говори на грчките лидери, акцентот е ставен на економијата и на актуелните прашања во внатрешно политичките случувања во земјата од изминатиот период.
Сите истражувања на јавното мислење објавени во пресрет на изборите, предвидуваат сигурна победа на Нова демократија, а веројатно и со доволен број пратеници за да формира еднопартиска влада. Разликата меѓу двете најпопуларни грчки партии, според последните пет анкети објавени во грчките медиуми, се движи меѓу 7,5 отсто и 9,2 отсто.
Во анкетата објавена денеска од агенцијата Rass за информативниот портал ИН, Нова демократија има 9,2 процента предност во однос на СИРИЗА, а во Парламентот влегуваат шест партии.
Според резултатите од истражувањата на јавното мислење во Грција, се регистрира значителен пад на поддршката за Златна зора, партијата која пред неколку години, стабилно, беше трета политичка сила во Грција.