Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска нема информации дека фирми блиски на владини функционери ќе бидат вклучени како подизведувачи на „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатите на коридорите 8 и 10д, објавува ТВ Сител.

-Немам таква информација. Од самиот почеток беше кажано дека подизведувачи ќе бидат македонски фирми, а тоа е еден од бенефитите на тој проект заради тоа што ќе донесе работни места и вработување за многу македонски фирми. Ја немам таа информација. Најдобро би било да проверите кај координаторот, рече Грковска во одговор на новинарско прашање при денешните средби со ученици од СОУ „Јане Сандански“ – Струмица.

Сметам, додаде, дека странските инвестиции се суштествено потребни заради тоа што ќе помогнат за економскиот развој, а економскиот развој на државата е предуслов за да може да има основа за имплементирање на добрите политики за градење на подобро и социјално општество и подобро општество за сите.

-Сепак, доколку има конфликт на интереси, ако се утврди, сигурна сум дека ќе реагира ДКСК која е орган којшто е задолжен за утврдување на такво нешто. Во зависност од тоа какви се наодите ние ќе преземеме мерки исто како што и досега сме преземале без оглед на тоа за кого станува збор, порача Грковска.