Кај опозицијата има луѓе кои сакаат да ги поддржат уставните измени во Парламентот, изјави денеска вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби во врска со барањето за отворање на Уставот на Македонија за да се впишат и Бугарите.
Темата за референдумот, рече Груби, во одговор на новинарско прашање поврзано со најавите на опозицијата за референдумско изјаснување, ја туркаат политичари кои се обидуваат да го продложат опстојувањето во политиката.
– Мојот личен став и ставот на Владата е дека нема алтернатива за европска Македонија. И затоа придонес треба да дадат сите, бидејќи апсолутно сите граѓани, сите заедници, сакаат да ја видат нашата држава како членка на ЕУ. На ист начин, како што бевме заедно кога ја зачленуваме земјата во НАТО. Па така, треба да разговараме со пратениците од опозицијата кои ќе гласаат за уставните измени, а такви ги има. За ова треба да се разговара, а не за дневно политички теми како што е референдумот, кои им служат на одредени политички актери за одржување во живот, рече Груби.
Тој ова го кажа во одговорот на новинарско пршање по завршувањето на Школата за млади лидери во Леуново.