Премиерот Димитар Ковачевски и првиот вицепремиер Артан Груби немаат исто мислење за ист договор, во врска со прашањето дали тој освен од јавноста се крие и од обвинителот, кој треба да одлучи дали има злоупотреби.

Груби пред една недела изјави дека примерок од договорот со Бехтел и Енка има Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, а Ковачевски вчера рече дека договорот не е доставен до обвинителот, кој отвори предмет.

И од Обвинителството потврдуваат – договор не добиле.

– Надлежниот јавен обвинител, кој постапува во предметот за кој покажувате интерес, уште од неговото оформување веднаш испрати барање за доставување податоци и на договорот до ЈП Државни патишта, но до овој момент до Обвинителството не е доставен одговор од нивна страна, велат од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за Макфакс.

Спротивно тврдење имаше Груби, кој рече дека примерок е доставен до истражниот орган.

– Договорот со Бехтел и Енка е класифициран и на нивно барање не се објавува, примерок од него има само Јавното обвинителство бидејќи отвори постапка, рече Груби пред седум дена на брифинг со новинарите.

Но едно зборува вицепремиерот друго кажа вчера премиерот.

-Договорот ќе биде доставен до Јавното обвинителство, па на нивно постапување понатаму да ги испитаат сите наводи што беа кажани од страна на политички партии, од страна на медиуми, од страна на поединци итн. изјави вчера Ковачевски.

Договорот наиде на револт кај јавноста од која се крие во однос на обврските што ги презема Македонија.