Македонскиот народен театар е граден со наши пари, со парите на граѓаните, а не со парите на ВМРО, ниту на фелата, и им припаѓа на граѓаните, вели за Фокус пратеникот од ДУИ, Артан Груби, во врска со дивеењето на навивачката група Шверцери во новиот објект на МНТ.

– Театарот му припаѓа на народот, не е вмровски, сдсмовски, па ниту ни на фелата, граден е со наши пари, со парите на граѓаните, а не со парите на ВМРО, ниту на фелата, и им припаѓа на граѓаните. Дваесетгодишнината беше одбележена во албанскиот театар пред 10 години со прикажување на документарец, исто како и 30-годишнината во МНТ каде што присуствуваа фудбалски ветерани, тренери, Албанци, Македонци и други, на кои им беа доделени благодарници од страна на организаторите, спонзори, градоначалници… Секоја чест за професионалноста на вработените во театарот каде што се одржуваат безброј различни настани, вели Груби.

Директорката на МНТ, Симона Угриновска вели дека прославата била во организација на Владата.

– Ми беше кажано дека ќе има два настана. За првиот официјален дел, свечената академија, на кој присуствуваше и премиерот Зоран Заев, бев во координација со портпаролот на Владата, Мухамед Хоџа. За вториот настан, координатор беше Артан Груби и тој ми кажа дека ќе има само проекција на документарен филм за 30 години постоење на Шверцери, изјави Угриновска за порталот СДК.

Крајниот епилог од „шверцерската прослава“ се искинат тапацир на столчињата и откорнати орнаменти од ѕидовите на МНТ. Штетата е направена по дивеењето на навивачката група Шверцери на ФК Шкупи, на петочната прослава на 22 Ноември – Денот на албанската азбука.

– Срце ме боли за театарот. Зар мислите дека јас ќе дозволам влез на навивачки групи и вакво однесување, вели Угриновска.