Владата во заминување ги сумира своите резултати од работењето. Вицепремиерот Артан Груби смета дека Македонија се соочила со многу предизвици и упати низа критики и обвинувања на сметка на Русија за политичките состојби во земјата.
Според Груби предизвиците имаат само еден заеднички центар на нестабилност, а тоа е Русија и ја обвини Москва за предизвикување проблеми од нередите во Собранието на 27 април до опструкции на Коридорот 8, мешање во работата на верските заедници, европските интеграции.
-За време на нередите во Собранието, таму имавме Русин, кој ја поттикна целата ситуација за линч на пратениците и новиот собраниски спикер. Имаше изјави и од Лавров, Путин и од Захарова. Путин дури поттикна и меѓуетнички тензии и конфликти во нашата земја. Со овие изјави се виде дека тие биле против договорот од Преспа, против каков било договор во корист на државата, затоа и не сакале да го затворат 10-годишниот спор со нашиот сосед Р. Грција. Кризата, агресијата и војната имаат само едно име, една адреса, а тоа е Русија, рече Груби.
Дури и економските проблеми според него имаат само еден причинител.
-Енергетската криза, ценовната криза и инфлацијата имаат само едно име – Русија и нивната воена агресија врз Украина. Имаше протести против договорот за добрососедство со Бугарија, кои беа поттикнати од руски елементи во нашето општеството, додаде тој.
Вицепремиерoт посебно потенцира:
-Можеби сите ќе помислите дека претерувам, но досега не испаднало нешто погрешно од тоа што сме рекле, додаде Груби, пренесува Макфакс.
Првиот вицептемиерот рече дека најголемиот инфраструктурен проект во земјата се коридорите 8 и 10 Д, проект што со години беше опструиран од Русија, од руски компании.
-Изгубивме една година токму поради руска компанија, која влезе во постапката и го наруши целиот процес. Дали има руско влијание во нашите верски заедници – одговорот пронајдете го сами. Дали има руско влијание во медиумите – одговорот го знаете, дали има руско влијание во невладините организации? Има руски елементи што прават сè што е можно за да нарушат прогресивно парламентарно мнозинство и коалиција, која сака да ја види оваа држава членка на НАТО и на ЕУ и е во вековно пријателство со САД, рече Груби.