Во име на Демократската унија за интеграција изборот на Стево Пендаровски за претседател му ги честиташе пратеникот Артан Груби, кој го поздрави и обраќањето на новиот шеф на државата во Собранието.
-Во име на сите нас му посакувам успешна работа, здравје и да предводи во големото помирување што треба да претстои помеѓу сите политички партии, сите политички чинители и сите лидери во нашава земја. Се надевам дека по десет години од владеењето на Иванов како претседател ќе видиме попозитивни времиња, во кои цела држава со сите капацитети – и Собрание, и Влада, и Претседател, и општините ќе бидат ориентирани кон Запад и дека ќе се успее час поскоро да се добие датум за отпочнување преговори со Европската Унија и да го заокружиме целосното членство во НАТО, истакна Груби.
Прашан за коментар по изјавата на пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ според кого за поддршката на Пендаровски на изборите „ДУИ ќе испорачува фактури до СДСМ“, Груби одговори: „Пендаровски е наш кандидат и сметаме дека сме пресуден и одлучувачки фактор во неговата победа и нема зошто да испорачуваме фактури за наш кандидат кој победи на овие избори“.
-Најголемата фактура што е испорачана е консензуалноста и тоа што победија политиките на Ахмети и ДУИ кои ги промовиравме уште од 2014 година. Поголема фактура од тоа неможе да постои, додаде пратеникот на ДУИ.
За коментар за отсуството на Зоран Заев на свечената седница, тој упати да се праша премиерот и неговата матична партија.
-Господинот Ахмети беше денеска тука и го проследивме обраќањето на нашиот заеднички кандидат, рече Груби во изјава за медиумите.