Во пресрет на заедничката седница на двете влади во Софија, денешната агенда ја започнавме со официјален прием од премиерот (Кирил) Петков и неговиот кабинет и во оваа прилика отвораме многу важно поглавје за нашата земја и нашите граѓани, објави вицепремиерот Артан Груби.

– Заедно со премиерите Ковачевски и Петков како и колеги министри го посетивме Културно информативниот центар во Софија. Овој центар е пример е пример за нашите односи со Република Бугарија но и место каде што се создаваат вредни пријателства. Денешната посета на Софија е во насока на продлабочување на соработката и да покажеме дека можеме да работиме за доброто на двете земји, регионот и пошироко во многу области заедно во големото европско семејство, објави Груби на неговиот официјален профил на Фејсбук.

Груби, веројатно да избегне „северна“, а и да биде во „духот на пријателството со Грција“ и сменетото име на Република Македонија, не наведува од која земја доаѓа тој и делегацијата на македонската Влада која утре треба да одржи заедничка седница со бугарската Влада.

(Д.Г.)