Опозициската ВМРО-ДПМНЕ на серија прес-конференции на кои пратеникот Миле Лефков објави серија наводи дека членови на семејството на вицепремиерот Артан Груби се стекнале со имоти и бизниси што им го овозможиле функционери на ДУИ.

ВМРО-ДПМНЕ реагира и денеска по вчерашното интервју на Груби во емисијата Само интервју на ТВ Канал 5, во кое тој рече дека неговиот брат го купил деловниот простор во центарот на Скопје за 100.000 евра со хипотекарен кредит што го подигнал од банка како физичко лице.

Од опозициската партија посочуваат дека со оваа изјава Груби сè повеќе се заплеткал во скандалот со луксузниот имот на неговото семејство кој, како што наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, го стекнале во време на криза.

– Груби говори дека имотот што го купиле во центарот на Скопје, на улица Македонија, со површина од 130 квадратни метри, го платиле само 100.000 евра. Ако го платиле толку, тогаш скандалот е уште поголем бидејќи семејната фирма на вицепремиерот во владата на Димитар Ковачевски набавил луксузен имот по екстра багателна цена. Имено, ако Груби платиле 100.000 евра за 130 квадратни метри, тогаш излегува дека имотот вреди околу 700 евра по квадратен метар. Груби може да се прави недоветен, но не може да ја потцени интелигенцијата на народот, се вели во денешната реакција од ВМРО-ДПМНЕ.

Во Скопје, велат од партијата, но и сите добро знаат дека за 700 евра по квадратен метар не може да се купи ниту во најпериферните делови, а не пак во најстрогиот центар.

– Во тој дел од градот станбениот квадрат е над 2.000 евра па нагоре, а деловните се уште поскапи. Нека им објасни Груби на граѓаните како тоа тој може да купи толку евтин локал, а тие не можат. Затоа прашуваме дали Груби ја злоупотребил функцијата и влијаел неговото семејство да купи толку ексклузивен локал по толку евтина цена?, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата додаваат дека првиот вицепремиер станува нервозен оти прави сè повеќе грешки и дека не може да го покрие овој скандал со лаги и манипулации.

– Полека, но сигурно се разоткрива целиот октопод на Груби кој се богати додека Македонците и Албанците, но и сите други осиромашуваат. Впрочем, сè повеќе луѓе се охрабруваат да го осудат криминалот бидејќи криминалот нема етничка боја, а се крие зад наводни етнички теми. Тоа е стравот кај Груби бидејќи е разоткриен, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Груби во вчерашното интервју ги отфрли наводите и обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ оценувајќи ги како клевети и лажни вести. Тој посочи дека доколку партијата имала сигурни докази в раце ќе ги пријавела во обвинителствата.

Видеото на Груби во ТВ Канал 5 може да го отворите ТУКА.