ВМРО-ДПМНЕ бара се намали бројот на пратеници во Собрание. Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски синоќа на Алсат ТВ изјави дека ќе бара да се скрати бројот на пратеници во законодавниот дом и тоа од 120 на 90. Меѓу другото, како што рече, ќе ја поддржат и измената на изборниот модел со една изборна единица. Но, за да се направат овие измени, ќе мора да се отвори Уставот.
Артан Груби пак, од редовите на ДУИ, вели дека измените на Изборниот законик и на Уставот треба да се направат со консензус меѓу партиите. Ако се отвори Уставот, ќе се отворат и други прашања како што се вметнувањето на бугарската заедница и укинувањето на 20% за употреба на албанскиот јазик, истакна Груби.
„Ме радува фактот што опозицијата е подготвена за отворање на Уставот. Во тој случај ние имаме и други теми кои треба да бидат опфатени во овие уставни измени како што е спорот со Бугарија или вметнувањето на бугарската, хрватската или црногорската заедница и укинувањето на ограничувањето од 20% за употреба на албанскиот јазик. Отворени сме да ја разгледаме таа идеја и да ја збогатиме со други дополнителни идеи за да ги заокружиме сите отворени прашања“, вели Артан Груби од ДУИ.
Демократскиот сојуз, партија која постојано бараше промена на Изборниот законик е согласна за намалување на бројот на пратениците и промена на изборниот модел.
Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски се произнесе дека се подготвени да разговараат за било каква промена на Изборниот законик, но додава дека не треба да се брза и дека измените треба се донесат со консензус меѓу сите политички партии.